Сергеј Трифуновиќ со лекција по „однесување во театар“ во Риека


Хрватска– Во театарот во Риека, Хрватска, при изведба на претставата „Ѕвезден воз“ на Белградскиот театар, со Воислав Брајовиќ и Сергеј Трифуновиќ во главните улоги, се случил своевиден „несакан настан“ меѓу глумците и публиката, пишува „Вечерњи лист“.

Имено, посетители раскажуваат како Трифуновиќ се шетал на сцената, на моменти видно изнервиран, а едно момче го сликало и снимало постојано. Во еден миг, глумецот му пришол на гледачот, му го одзел мобилниот телефон и го фрлил на подот. Следело ракоплескање од другите присутни.

Меѓутоа, постојаното гледање во мобилен не е единственото нешто коешто му пречело на српскиот глумец… Изведбата на филозофската драма за проф. Бели и екс-затвореникот Црни, постојано била прекинувана со известувања од паметните телефони, мрморење од публиката, шушкање, а Трифуновиќ, според наводите, постојано се осврнувал и на кашлање во публиката што не можело да се занемари.

– Во еден миг, обраќајќи се кон првиот ред, рече дека може слободно да ја „отвори бонбоната“ бидејќи тоа воопшто не им пречи, а потоа на присутните им порача дека само тие (глумците) треба да разговараат, бидејќи „нема смисла да се натсинхронизираат“, сведочи еден гледач.

Инаку, бесплатната претстава пред љубителите на театарот ја претставија Советот на српското национално малцинство во Приморско-горската жупанија во Хрватска и Српското културно друштво „Просвјета“.