Сергеј Попов од ВМРО-ДПМНЕ возел пијан и без возачка пред 10 години, повредил жена, а сега води протести, вели Апасиев


 

Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, денеска преку објава на Фејсбук вели дека лицемерието во државата е огромно по прегазувањето на Фросина Кулакова од Неготино. И споделува судска пресуда за актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов, кој е претседател на УМС на партијата. Тој е син на сегашниот претседател на МАНУ, Живко Попов.

Таа пресуда била испратена до редакцијата на „Инфомакс“ која ја објави интегрално.

Во пресудата стои дека Попов пред десет години бил осуден поради тоа што без возачка дозвола и под дејство на алкохол предизвикал сообраќајна несреќа во која била повредена една жена. Според пресудата несреќата се случила во близина на Клубот на пратеници во Скопје.

Во пресудата стои:

На ден 24.12.2014 година во 07,00 часот во С., како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што го довел во опасност телото на луѓето, на начин што управувал патничко моторно возило марка „Форд Фокус“ со рег. бр. …, сопственост на И П од С., со правен на движење од кружен тек кон Центар, па кога пристигнал со возилото на крстосницата со ул.„Аминта Трети“ и влез-излез од паркинг просторот пред објектот на „Клуб на пратеници“, постапил спротивно на чл.43 ст.3, чл.235 ст.1 т.4 и чл.234 ст.1 од ЗБСП, на доволна оддалеченост пред крстосницата, со возилото не зазел положба на онаа сообраќајна лента по која задолжително требало да помине низ крстосницата, со тоа што завзел положба на сообраќајна лента наменета за движење на возилата за право и десно, свртувајќи во лево со правец на движење кон ул.„Аминта Трети“, возилото го управувал без положен возачки испит за управување со моторно возило од определена категорија и при тоа возилото го управувал со концентрација од 1,43 грам промили алкохол во крвта, иако бил свесен дека поради тоа може да настапи штетна последица, но се согласил со нејзиното настапување, поради што во левата бочна страна на возилото, бил удрен од предниот десен дел од патничко моторно возило марка „Голф“ со рег. бр…, управувано од Д.Ц. по левата сообраќајна лента од ул.„Метрополит Теодосиј Гологанов“ со правец на движење од кружен тек кон Центар, а во моментот на незгодата со возилото навлегол на крстосницата со ул.„Аминта Трети“ и влез-излезот од паркинг просторот пред објект на „Клуб на Пратеници“, задржувајќи го правецот на движење за право по ул.„Метрополит Теодосиј Гологанов“, од кој удар оштетената С Ц, сопатник во патничкото моторно возило марка „Голф“, се здобила со телесни повреди изразени во вид на нагмечување на главата“, стои во пресудата.

Попов платил парична казна и тоа од само 30.750 денари, што претставува 50 дневни глоби, секоја глоба од по 10 евра во денарска противвредност од 615 денари. Плус да ги надокнади судските трошоци во износ од 11 илјади денари.

Инаку, Сергеј Попов пред првиот проетст за смрта на Фросина напиша на Фејсбук:

„Убиството на младата Фросина е доказ дека главната борба треба да биде насочена кон тоа да добиеме судии и обвинители кои ќе ја вршат својата работа и нема да дозволуваат апсени криминалци да шетаат по нашите улици.

Заедно со моите колеги од УМС, денес ќе се придружиме на протестниот собир пред Силбо, да изразиме сочувство за Фросина, како и револт против системот кој убива“.