Сергеј Лавров и руската „православна“ импeријалистичка пропаганда

Руската пропагандна поткрепа на великосрпкиот и великобугарскиот национализам во однос на Македонија има логична цел – создавање хаос и дезориентација на Балканот, спречување на евроинтеграцијата


Работите дојдоа дотаму што дури ни за викенди немаме одмор од руска пропаганда. За тоа лично се погрижи Сергеј Лавров, чии политичко-пропагандни пораки од едно интервју викендов пробија во насловите на македонските медиуми: Лавров: Има впечатлива разлика меѓу тоа што Македонците го чувствуваат за Русија и она што го прават нивните политичари (МИА); Лавров: ЕУ и НАТО се обидуваат да ja направат Македонија „алаткa во антируската игра“ (Макфакс); Лавров: Maкедонија го промени името за да влезе во ЕУ, но не беше примена и нема да биде примена во скоро време (Република); МУДРА ОДЛУКА НА СПЦ ЗА ЕВХАРИСТИЧКО ЕДИНСТВО СО МПЦ-ОА За Лавров тоа овозможува повторно воспоставување на единство со Руската православна црква (+Инфо), итн.  Секоја пропагандна порака заслужува засебна анализа.

 

Лавров шири дезинформации за „заедничка историја“ и за православието  Обвинувањето на Лавров дека Западот се обидувал Црногорците и Македонците да станат „инструменти во антируската игра“ е проследено со лажна аналогија – „исто како што се обидоа тоа да го сторат со Украина и со голем број други источноевропски земји“. Ништо ново од руската пропаганда, која ја користеше македонската политичка криза 2015-2017 за да го обвинува Западот за „украинско сценарио“. Но, токму руската пропаганда последнава деценија е доказ дека Русија настојува да ја претвори Македонија (и не само неа) во инструмент за антизападна игра.

Во насловите на македонските медиуми не проби повикувањето на Лавров на „нашата заедничка историја и религија“: „Јас сум бил во Скопје и во Охрид, видов како луѓето во Македонија се однесуваат кон нашата заедничка историја и религија“.  

За каква „заедничка историја“ зборува Лавров и за каква „заедничка религија“? Русија ја нема ослободено Македонија од отоманскиот јарем (како што ја има „ослободено“ – и окупирано – Бугарија). Русија ја нема создадено македонската држава (како Кнежеството Бугарија). Руски трупи немаат учествувано ни во ослободување на Македонија од фашизмот (делумно учествуваат бугарски трупи, согласно договорот од Крајова помеѓу Тито и Терпешев). Македонија никогаш не била дел ни од Советскиот „лагер“, како што беше Бугарија. За каква „заедничка религија“ зборува Лавров, кога Руската православна црква со децении не ни помислуваше да ја признае МПЦ?

 

Лавров ја пропагира улогата на Русија како „заштитник“ на православието  Во медиумските известувања не проби ни споменувањето на славниот Висоцки, опишан од Лавров како „симбол на единството на православните, словенски народи и голем човек“. Играјќи повторно на картата на православието, Лавров го злоупотреби познанството со покојниот духовник Методиј (како Македонец и „руски човек“) не само за да зборува во негово име, туку и да ја пропагира улогата на Русија како заштитник на православието: „Се дружевме кога за Македонците, како и за Црногорците, браќата православни Руси беа пријатели кои дојдоа на помош во најтешките времиња, заштитувајќи го православието на Балканот и во целото христијанство“. Но, Лавров не објасни кога и од кого биле нападнати православието и целото христијанство на Балканот, ниту кога Русија дошла тука на помош за да ги заштитува. Не објасни ни како се „заштитува“ православието во Украина со нападите на „џихадистите“ на Кадиров.

Токму кога зборува за неговата дружба со отец Методиј, Лавров ја дава оценката дека „Земјата стана Северна Македонија за да влезе во ЕУ (каде не ги примија и наскоро нема да ги примат, ако се реши ова прашање)“. Лавров обвинува: „Наместо тоа, тие ги вовлекоа во НАТО, почнаа да подгреваат русофобични чувства, агресивна политика кон Руската Федерација“.

Лавров повторно бесрамно дезинформира и манипулира, игнорирајќи го фактот дека НАТО станува консензуална стратешка определба на Македонија веднаш по осамостојувањето. Обвинувањето на Лавров за подгревање „русофобични чувства“ – што било „агресивна политика кон Руската Федерација“, се најблаго речено апсурдни, имајќи ја предвид руската инвазија врз Украина, осудена од 141 земја на ООН кои побараа Русија веднаш да ги повлече своите трупи од Украина.

 

Руска „антивселенска“ и „антизападна“ пропаганда од име на православието  И кога добива прашање да го прокоментира „обновувањето на евхаристиското заедништво меѓу српската и македонската црква“, Лавров продолжува со пропагандни тези. Прво, Лавров признава дека тоа било одговор на признавањето на „Охридската архиепископија“ од страна на Вселенската патријаршија, која се обидува да ја оцрни: „Ова е достоен одговор на интригите што ги плете патријархот од Константинопол“. Второ, Лавров неосновано го обвинува вселенскиот патријарх дека се обидел „засекогаш да ги закопа пријателските односи меѓу другите православни цркви, пред сѐ српската и македонската“ и констатира дека „оваа провокативна замисла беше спречена“. Трето, „мудрата одлука“ на СПЦ, според Лавров, овозможувала возобновување „евхаристиската заедница со Руската православна црква“, за што Русија била заинтересирана, затоа што тоа „ќе му служи на доброто на православието“.

Не е прв пат Лавров да го злоупотребува православието заради водење на црна пропагандна кампања против Западот и САД. Пред неколку месеци Лавров ги обвини

Американците „кои активно манипулираат со цариградскиот патријарх“ дека „работат на уништување на православието“, заради тоа што Вселенската патријаршија ја призна Украинската православна црква.

Кој му дава право на Лавров да зборува од име на православието и имплицитно да ја обвинува Вселенската патријаршија како уништувач на православието?

 

Реакција на МНР: Злонамерни влијанија, манипулации со чувствата на православните верници, промовирање на геополитички ставови  На Лавров реагираше и МНР кое истакна дека од независноста „постои силно меѓуетничко и натпартиско единство за членство во Европската Унија“ и дека како „полноправна членка на НАТО… најостро се спротивставуваме на сите кршења на меѓународното право, каков што е случајот со агресијата врз Украина“.

Истовремено, МНР истакна дека „постојано се бориме против сите злонамерни влијанија од трети држави со цел мешање во нашите внатрешни работи“ и дека во интервјуто на Лавров „се манипулира со религиозните чувства на православните верници во нашата држава и се користи добивањето на автокефалноста на МПЦ-ОА за промовирање на своите геополитички ставови“. МНР поентира дека автокефалноста на МПЦ-ОА е историски настан што „никој не смее да го присвојува како свој успех, особено не оние што прикриено се противеа на ваквиот чин“.

 

Руските дезинформации го засилуваат антизападното расположение  Во млаката реакција на МНР немаше осврт ниту кон дезинформациите на Лавров за „заедничка историја“ ниту пак кон обвинувањата за „агресивна политика кон Руската Федерација“. Немаше ни реакција за промовираните „геополитички ставови“ на Русија.

Додека државните институции продолжуваат да се однесуваат индолентно кон руските кампањи со дезинформации, Русија печали од „уценетите“ македонски евроинтеграции користејќи го „незадоволството од уцените врз Македонија од соседните земји за засилување на антизападното расположение во земјава“.

Истражувањата на јавното мислење во последниве две години покажуваат дека се исплатливи обидите на Русија за искористување на „фрустрациите кај етничките Македонци од закочените евроинтеграции и уцените од соседите за напредување на патот кон ЕУ и НАТО“.

 

Споредбени резултати од анкетите на ИРИ

Според анкетите на ИРИ, во последните две години во Македонија е забележителен тренд на зголемување на многу поволното мислење за Русија и Кина, и намалување на многу поволното мислење за САД, особено кај етничките Македонци.

За ваквите антизападни трендови придонесува не само официјалната пропаганда на Кремљ (отелотворена во православно-импeријалистичките изјави на Лавров), туку и ултра-националистичката пропаганда на социјалните мрежи која успешно шири измислени изјави на Лавров, иако се веќе разоткриени како „лажни информации“.

 

Руската пропаганда „Една вера, еден јазик“  Не е прв пат Русија да се обидува да провоцира и предизвикува конфликти на Балканот злоупотребувајќи го православието. На крајот на 2021, на филмски фестивал поддржан од Руската амбасада во Скопје, беше прикажан документарен филм „Една вера, еден јазик“ („Единая вера, единый язык“). Во филмот се појавува и поранешниот руски амбасадор во Македонија Шчербак (веднаш по архимандрит Методиј, познаник на Лавров и Путин, кој во филмот ја велича Русија како „Трета Византија, Трет Рим“).

Рускиот пропаганден филм предизвика бурни реакции во Бугарија (која во филмот е комплетно заобиколена или маргинализирана, за сметка на Србија која е привилегирана со повеќе „духовни“ говорници). За провокативниот филм реагираше не само бугарското МНР (кое го оцени како „провокација“ и „научно погрешен“), туку и премиерот Петков („Бугарија не може да биде рамнодушна кога некој се обидува да ја поткопа бугарската историја“). Следуваше реакција и од Руската амбасада во Софија дека филмот е „одраз на гледиштето на авторот, кое содржи субјективно толкување на голем број историски настани и не соодветствува со ставот на официјалната руска историографија и пристапите на руската Амбасада во Бугарија“.

Негативната реакција во Бугарија кај македонските опозициски медиуми предизвика позитивен медиумски прием, иако во филмот се промовираат радикални великосрпски идеи, компатибилни со „православната“ импeријалистичка пропаганда на Русија. Така, во филмот „Една вера, еден јазик“, епископот Врањски Пахомиј во манастирот „Прохор Пчињски“ ја прави следнава неоснована аналогија: „Она што е за Русите Киев и Украина, тоа за нас Србите е Стара Србија, денешна Македонија“.

Медиумите кои известија позитивно за рускиот пропаганден филм „Една вера, еден јазик“ ги игнорираа великосрпските тврдења според кои и денешна Македонија се третира како „Стара Србија“.

 

Руската пропагандна поткрепа на великосрпкиот и великобугарскиот национализам  Кога станува збор за Македонија, се чини дека руската „православна“ и „панславистичка“ пропаганда нема никаков проблем истовремено да поддржува и великосрпски и великобугарски идеи. Така, Русија од Скопје го честита раѓањето на Гоце Делчев, а од Софија на потписникот на Санстефанскиот договор за формирање на голема Бугарија, која што ги вклучува и границите на нашата земја.

Исечок од видеото „Граф Игнатиев“, објавено од Руската амбасада во Бугарија, во кое е прикажана историска карта на Бугарија од Сан-Стефано до Неј

 

Оттаму, воопшто не е за изненадување што најблагонадежниот проруски политички играч во Бугарија – лидерот на партијата Преродба, Костадин Костадинов – игра не само на проруска и антизападна карта, туку и на „македонска“ (читај – великобугарска) карта. И Костадинов практикува „патриотски“ говор на омраза против „националните предавници“ кои ја управуваат државата, скандирајќи „Бугарија не е НАТО“ и „Бугарија не е ЕУ“. Поранешниот член на ВМРО-БНД Костадинов мобилизира членство расправајќи на теми со препознатливите великобугарски слогани и тези: Обединување на Бугарија со Македонија (Може ли България да се обедини с Македония?), „Во Македонија се зборува на бугарски јазик“ „Ние сме си еден народ, во две држави“, „Нашиот интерес е Бугарија и Македонија да бидат една држава“, „Македонија е Бугарија“ (такви транспаренти држеа пратениците на Преродба кои гласаат против кревање на бугарското вето).

Колку и да изгледа на прв поглед противречна, руската пропагандна поткрепа на великосрпкиот и великобугарскиот национализам во однос на Македонија има логична цел – создавање хаос и дезориентација на Балканот, спречување на евроинтеграцијата, но и јакнење на недовербата кон прозападните политички партии кои се дискредитираат како „западни марионети“ и „народни предавници“.

(Жарко Трајаноски е истражувач во Институт за медиуми и аналитика ИМА)