Рускиот филм „Една вера, еден јазик“ е провокација, вели Софија

Според бугарското министерство за надворешни работи рускиот филм за Кирил и Методиј бил бил неодржлив и научно погрешен


Картата прикажана во филмот, каде што не е ни наведено дека во тоа време постоело бугарското царство

 

Бугарското министерство за надворешни работи даде историска оценка  дека рускиот документарен филм „Една вера, еден јазик“ за раѓањето на црковнословенскиот јазик на сценаристката и режисерка Елена Мироненко, бил неодржлив и дека научно и погрешно се претставени историските периоди во него.  Во филмот се тврди дека татковина на словенската азбука е Македонија и дека браќата Кирил и Методиј и нивните следбеници немаат никаква врска со Бугарија. А на картата што е претставена Бугарија не е ни претставена како литературен и православен центар во Балканот во IX и X век.

Министерството  во реакцијата цитира и заклучок на историската комисија: „Поради заменетите или намерно изоставените фундаментални факти во филмот, потсетуваме дека во рамките на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, Бугарија и Македонија постигнаа договор за историски личности и настани во нашата заедничка историја. Свети Кирил и Свети Методиј, Свети Климент, Свети Наум и други, одобрен од владите на двете земји“.

Понатаму, офоцијална Софија наведува дека се надева оти „трети лица директно или индиректно не се инволвирани во вакви провокации, дека немаат за цел да создаваат поделби и дека повеќе нема да бидеме сведоци на вакви случаи, кои се спротивни на општоприфатените во светската историографија“.

Претходно, по огромниот број реакции во бугарската јавност, руската амбасада во Софија соопшти дека филмот не е соодветен на официјалната руска историографија.

„Филмот е одраз на авторската гледна точка, содржи субјективно толкување на редица историски настани и не соодветствува на позицијата на официјалната руска историографија, а исто така и на пристапите на амбасадата на Русија во Бугарија. Добро е што во нашите православни земји, како и досега, постои жив интерес за заедничките корени на верата, писмото и културата. Творечката иницијатива, непоткрепена од историска експертиза, за жал, не води секогаш до постигнување на замислената позитивна цел“, соопшти руската амбасада во Софија.

Инаку, филмот „Една вера, еден јазик“ се снимал со помош на руската амбасада во Македонија. Авторите се движат по патот на светите браќа Кирил и Методиј. Во филмот се прикажани и посети на црквите и манастирите „Св. Климент Охридски“, „Св. Наум Охридски“, „Св. Прохор Пчињски“ и „Св. Василиј Острошки“ во Црна Гора. (Н.В.)