Селото на генералот Васко Карангелевски пропаѓа во кал и заборав

Во селото до кое пеш се оди за половина час од Нова Битола нема улична инфраструктура, канализација, водоводна мрежа


 

БИТОЛА – Потпелистерското село Брусник, на два и пол километри од Битола, наместо да живее и да се развива, за жал тоне во кал, без основната инфраструктура. Брусник како и неколкуте други потпелистерски села, има прекрасни услови за развој на еко и рурален туризмот, сепак недостигот на инфраструктурни објекти и проблемите во сферата на екологијата го попречуваат таков развој.

Така, наместо асфалт во 21 век, по улици со камења, чакал, кал и вода газат и ги возат своите автомобили жителите на Брусник, познато како селото на партизаните. Во селото до кое се оди пеш за половина час од Нова Битола нема улична инфраструктура, канализација, водоводна мрежа.

 

Самите фотографии сведочат за состојбата во која се наоѓа уличната инфраструктура во селото, големи камења, чакал, кал, нерамнини. Дополнителен проблем за кој со децении се алармира е истекувањето на реката од своето корито на улиците во должина од околу 50 метри, каде реката е над нивото на патот. Фактичката состојба сега потврдува дека селото има стар асфалт до среде село, ама не и по околните улици кои водат до училиштето, црквите, манастирите и селските гробишта.

„Ете слика и прилика да се види како се живее во славното, родно место на генералот Васко Карангелевски, кларинетистот Тале Огненовски, ликовниот уметник Панде Петровски… Се нема слух, а зима иде“, вели ликовниот уметник Оља Лазаревска, која живее во селото.

Општина Битола ова лето започна со поставување на асфалт во селото, но повторно од битолската градска населба Брусник до сред село, така што останатата улична инфраструктура останува во истата состојба. Жителите велат дека возилата на брзата помош и пожарната можат да влезат и да се движат низ село.

Во Брусник живеат над 150 постојани жители и уште толку во лето и за време на викендите. Тие бараат од Општина Битола да им ја направи уличната инфраструктура, канализација, водовод и да не се дозволи целосно иселување на селото кое е во пазувите на Баба Планина во преубав и еколошки чист предел и со голем потенцијал за развој на туризмот.

„Влегуваш во селото, како сцени за хорор филм, ништо не е сменето од Втората светска војна. Сѐ е крш. До сред село ќе се поставува асфалт, а што е со другите улични краци. Камења големи речни, песок, кал, нерамнини. Ова ми се чини никаде веќе го нема. На оваа близина до градот, да беше Скопје, селото се цутеше, ќе се правеа нови куќи, елитна населба ќе никнеше, ќе живееше, а сега умира. Отиде во заборав. И нозете и колите ги искршивме, за повозрасните жители и да се снеможат со здравјето не може да влезе возило на Итната помош, не дај Боже да треба да влезе пожарна, нема ни да се обиде“, реагира Дејан Петровиќ (36), жител на Брусник и еден од ретките млади луѓе кој се решил да остане на село.

Жителите на Брусник испратија реакција со барање до општина Битола во кое се наведува дека особено спорни се три краци од по 300 метри кои се во очајна состојба. Бараат и санирање на реката во критичните 50 метри, каде е над нивото на патот, бидејќи иако мештаните сами се обидуваат да направат нешто, сепак потребна им е механизација заради масивните камења во коритото на селската река.

„Бараме асфалт во правците до црквите, манастирите, училиштето и гробиштата. Ако не може асфалт барем да се овозможи да се постави дробен асфалт, или да се употреби и коцката која постои на патот кон село Брусник. Во дел од улиците ако се има можност да се постават и бекатон плочки“, стои во барањето на жителите на Брусник до Општина Битола. 

Општина Битола информира дека започна со реализација на проектот за реконструкција на коловозот на локалниот пат за Брусник. Во исто време велат дека „селото ќе добие и колектор за фекална канализација во должина од 1.501 метар со вкупна вредност од 9,6 милиони денари. Реконструкцијата на коловозот на локалниот пат за село Брусник е во должина од 1.457 метри во вкупна вредност од 8,3 милиони денари. По завршувањето на овие проекти ќе следува изведба на водоводна мрежа“.

Што се однесува до барањата на мештаните за изградба на уличната инфраструктура низ селото засега нема услови.

„Во однос на наведените дополнителни барања, како и во другите населени места каде има потреба од подобрување на инфраструктурата, во моментот се делува согласно можностите и изготвената документација. Во идниот период, со вклучување на овие улици во годишните програми на општината, ќе се создадат услови и за решавање на останатите инфраструктурни проблеми со кои се соочува селото Брусник“, информираат од Општина Битола за „Независен“ во однос на барањата на жителите на селото Брусник.