Села ја прашува коалицијата „Вреди“: Што стана со условот за уставни измени за влез во владата
Пратеникот на „Европскиот фронт“ и претседател на Алијансата за Албанците, Сијадин Села, денеска од на прес-конференција ја повика владата што е можно побрзо да го почне процесот на уставни измени. Воедно, ги праша партнерите од коалицијата „Вреди“ што стана со нивниот услов дека ќе влезат во владата само ако се направат уставните измени.
„Владата што побргу да ги спроведе и да ги почнеме уставните измени за да ги почнеме преговорите и наместо да земеме кредит од други држави, да земеме претпристапни фондови од ЕУ со тоа што ќе го подобриме животот и инфраструктурата на граѓаните на оваа држава. Ние сме сведоци и сме еден од потписниците на договорот дека со ниту една политичка партија нема да коалицираме ако однапред не се прават уставните измени. И во тој документ потпишани се челниците на ‘Европскиот фронт’ и на коалицијата ‘Вреди’. Но заборавија на она за што се залагаа и поминаа на ветување дека уставните измени ќе ги има, но да ги чекаме првите 100 дена“, рече тој.
Тој додаде дека европските интеграции се во заложништво на интересите на експоненти на владата. „Европската унија е единствено решение за Македонија, единствен пат на кој ние треба да се движиме како општество. На сите оние што денес зборуваат за правна држава, за борба против корупцијата, не им е јасно дека на ваков начин немаме борба против корупција. Немаме правна држава, туку имаме политизирано правосудство во кое сме во ситуација кога се менуваат од едно влијание влегуваме во друго влијание. На сите треба да им биде јасно, а посебно на граѓаните дека ние ќе имаме правна држава колку што поблиску сме до Европската унија“.