Секоја втора фирма која учествува во тендерите вели дека има корупција


Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени во периодот од јули до декември 2021 година, во кои се вклучени и наоди од анкета на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки, анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2021 година и истражување на договорните органи за нивните кадровски капацитети  за јавни набавки. Воедно, денес ја објавуваме и  Базата на јавните набавки на општините во 2021 година.

Клучните наоди од мониторингот на јавни набавки вклучуваат:

  • Зголемена е вредноста на договорите склучени низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Вкупната вредност на овие договори во 2021 година изнесува 46 милиони евра, што е за 16 милиони евра повеќе од 2020 година. Дури 80 % од вредноста на склучените договори без објавување оглас им припаѓаат на АД Електрани, МВР и Министерството за образование и наука.
  • Институциите не ја почитуваат законската обврска за јавно објавување на известувањата за реализираните договори. Доставени се известувања само за една третина од склучените договори.
  • Институциите не се откажуваат од електронската аукција, и покрај сите предупредувања дека со неа се поттикнуваат договарањето помеѓу фирмите и корупцијата.
  • Комисиите за јавни набавки во речиси секој втор тендер отфрлале понуди на фирмите како неприфатливи, со што се отвора сомнежот дали ваквото постапување е со намера да се намали конкуренцијата и да се обесхрабрат понудувачите да учествуваат на тендерите.
  • Управните контроли на тендерите од страна на Бирото за јавни набавки, ниту трета година од воведувањето, не успеваат да се наметнат како механизам за откривање на незаконско постапување и злоупотреби. Бирото ниту во 2021 година нема поднесено прекршочна пријава до надлежниот орган, или, пак, доставено известување до Јавното обвинителство на РСМ за одредени наоди.
  • Во 2021 година поднесени се 1.008 жалби од фирмите, што е за 2,5 % повеќе од претходната година. Најголем дел од жалбите се уважени, и тоа 42,6 % од нив. Сепак, уважените жалби се за 10,7 процентни поени помалку во однос на претходната година.

Клучни наоди од анкетата на фирмите спроведена во февруари 2022 година, а во која  учествуваа 284 фирми од сите поголеми градови во земјата се:

  • За 50 % од фирмите, ’најниската цена‘ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки.
  • 62 % од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите.
  • 51 % од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки. Најголем дел од нив сметаат дека врските се најчест облик на корупција.
  • Само 6 % од фирмите изјавиле дека секогаш или често се жалат до Државната комисија за жалби по јавни набавки во случаите кога не се задоволни од начинот на постапување на договорните органи на тендерите на коишто учествувале.
  • Продолжува незадоволството на фирмите од комуникацијата со договорните органи кои ги спроведуваат тендерите. Само 31 % од фирмите ја оцениле оваа комуникација како навремена и квалитетна.
  • Фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,8 (на скалата од 1 до 5), што е исто како лани.

 Клучни наоди од истражувањето спроведено во министерствата и општините за нивните кадровски капацитети за јавни набавки:

  • Јавните набавки во министерствата ги спроведуваат од еден до 24 вработени, додека во општините од еден до седум вработени, не сметајќи го Градот Скопје, каде што нивниот број е 12. Притоа, лицата за јавни набавки во министерствата спроведуваат помалку постапки, но нивната вредност е многу поголема од тендерите на општините.
  • Дел од институциите користат и надворешна експертска помош, без притоа да се води грижа за превенирање на потенцијалниот судир на интереси.

Клучни наоди од Базата на јавните набавки на општините во 2021 година:

  • Градот Скопје и 80 општини потрошиле за јавни набавки во 2021 година 11 милијарди денари, односно 183 милиони евра. Прoизлегува дека во 2021 година се потрошени дури 51 милион евра повеќе отколку во 2020 година.
  • Најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Градот Скопје од 15 милиони евра, кај Општина Центар од 5,5 милиони евра и кај Општината Гази Баба од околу 5 милиони евра. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Чучер Сандево за околу 630 илјади евра,  Карпош 483 илјади евра и Аеродром 475 илјади евра.
  • Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2021 година ја предводи градежната компанија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт од Струмица со склучени 21 договор во вкупна вредност од 22 милиони евра.