Секоја година сè повеќе ѓубре во главниот град – расчистени и 11.000 м3 отпад од диви депонии


Фото: Б. Грданоски

И во текот на 2021 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје (ЈПКХС) седум пати во неделата, во три смени, го собираа и го транспортираа комуналниот отпад од скопските домаќинства, како и од речиси 600 стопански субјекти во урбаниот и во руралниот дел на градот.

Во изминатите 12 месеци беа собрани и транспортирани вкупно 166.678 тони комунален отпад. Количеството на подигнат отпад во 2021 во однос на 2020 година е зголемено за 8.202 тони (5,18 %).

ЈПКХС преку машинско и рачно миење и метење ја одржува и хигиената на шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини во градот Скопје. И во текот на минатата година, Претпријатието продолжи да спроведува сезонско машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини – улицата Македонија, централниот плоштад „Македонија“ и помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје и Старата скопска чаршија.

Расчистени диви депонии

На подрачјето на градот Скопје, во текот на изминатите 12 месеци, екипите на ЈПКХС отстранија приближно 11.000 м3 отпад од диви депонии, создадени како резултат на несовесно одлагање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти.

Количеството отпад што ЈПКХС го отстранува од јавните површини секоја година сè повеќе се зголемува, така што во текот на 2020 година беа расчистени околу 9.000 м3, во 2019 година беа расчистени 8.721 м3, во 2018 година 5.144 м3, додека во 2017 година ЈПКХС отстрани само 835м3 отпад од диви депонии.

Воедно, екипите на Претпријатието во текот на 2021 година расчистија неколку обемни диви депонии лоцирани во општините Чаир, Кисела Вода и Сарај.

Собирање кабаст отпад

Во мај 2021 година, Претпријатието организираше акција за собирање кабаст отпад во сите скопски општини, во чиишто рамки беа подигнати и транспортирани рекордни 650 м3 одложен мебел и отпад од електронски и електрични уреди.

ЈПКХС продолжува да им ја нуди можноста на граѓаните што имаат обезбедено сопствен превоз, бесплатно да го одложат својот кабаст отпад во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, секој ден во неделата, во терминот од 07 до 19 часот.

Воедно, граѓаните коишто имаат потреба нивниот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди да бидат транспортирани од страна на екипите на ЈПКХС со специјални возила, таа услуга може да ја нарачаат на бесплатниот телефонски број: 0800 222 33 и притоа да се договорат дали сакаат отпадот да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор во индивидуални или колективни домаќинства. *Оваа услуга се наплатува, согласно однапред утврден Ценовник, усвоен од страна на Советот на Градот Скопје.

Опожарени 32 садови за комунален отпад

Во текот на 2021 година, од страна на непознати сторители, беа опожарени вкупно 32 садови наменети за одлагање комунален отпад, од коишто 13 контејнери со зафатнина од 3,2 м3, 17 контејнери со зафатнина од 1,1 м3 и два сада наменети за примарна селекција на отпадот. Сите опожарени контејнери во најкус можен рок беа заменети со нови садови, со цел да се задржи ефикасноста и стандардната динамика на собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје.

Активности на еко-патролата

Во 2021 година, Еко-патролата на ЈПКХС изготви 1.359 информативно-едукативни записници што им беа врачени на граѓаните и на правните субјекти коишто беа затекнати при неправилно одложување отпад, односно прекршување на Законот за јавна чистота. По врачувањето на записниците, сторителите отстранија вкупно 801 м3 неправилно одложен отпад од јавните површини.