Секој втор туристички брод на Санторини затајувал данок
Даночни прекршувања во висина од 92.000 евра откриле инспекторите од Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ) за време на ненајавените контроли спроведени на туристички бродови и катамарани што организираат целодневни или попладневни крстарења на грчкиот остров Санторини, при што биле изречени казни во вкупен износ од 43.000 евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Операцијата била под името „Ќе те носам на крстарење 2026“ (според стихови од стара грчка песна), а спроведена со употреба на информации и анализа на алгоритамот на расположливите даночни и статистички податоци.
Од ААДЕ соопштија дека инспекторите ги посетиле пристаништата на островот каде што се закотвуваат туристички бродови што организираат целодневни или неколкучасовни тури околу Санторини, а ненајавените контроли биле при враќањето од крстарењата.
Контролите, меѓу другото, биле насочени кон издавањето на фискални сметки; правилната примена на ДДВ; начинот на плаќање како и чувањето и приложувањето на предвидените сметки, документи итн.
Биле проверени 26 туристички бродови, а кај 12 биле утврдени даночни прекршоци, што се однесуваат на неиздавање или неточно издавање сметки; неприложување или одбивање да се достават предвидените сметки и документи; наплата во готовина на износи над 500 евра; примена на пониска стапка на ДДВ од предвидената.
– Вкупната вредност поврзана со утврдените прекршоци изнесува 92.000 евра, а беа изречени казни од 43.000 евра. Контролата продолжува со детални проверки на компаниите – прекршувачи со дополнително користење и вкрстено проверување на расположливите даночни податоци и, каде што е потребно, проширување на контролите на претходни даночни периоди кои досега не биле предмет на контрола, соопштија од Независната управа за јавни приходи на Грција.