Секој наставник од училиштата во Кисела Вода доби компјутер


Во 11 училишта во Општина Кисела Вода, денеска беше реализиран проектот „Компјутер за секој наставник“, кој има за цел подигнување на квалитетот на наставниот процес во општинските училишта.

– За секоја училница од сите 11 објекти, од осумте централни и трите подрачни училишта, Општина Кисела Вода, преку донација обезбеди компјутер за наставниците. На овој начин, тие ќе можат во целост да си ги извршуваат своите обврски на работното место. Ова е посебно значајно бидејќи од оваа учебна година дневникот постои само во електронска форма, но и поради фактот што се обезбедува поквалитетно изведување на онлајн наставата за учениците кои се во изолација. Воедно, ова ќе помогне и во подобра примена на ИКТ во наставата, изјави градоначалникот Ѓорѓиески при посетата.

Додаде дека oпремувањето на училиштата со научно-наставен материјал е само првиот од големиот број проекти поврзани со подобрувањето на условите во училиштата, кои се зацртани во неговата програма.

– Сакам да нагласам дека обезбедувањето на компјутер за сите 221 училници колку што ги има во општинските училишта е првиот од бројните проекти кои ќе ги релизираме во периодот што доаѓа. Опремувањето на училиштата со научно-наставен материјал и подобрувањето на условите за работа се еден од врвните приоритети во мојата работа. Потврда за тоа е и реализацијата на денешниот проект, кој се случува во вториот месец од моето преземање на градоначалничката функција, истакна Ѓорѓиевски.