„Сега парите се скапи“: Зошто е висока каматата за македонска еврообврзница

Според економистите, каматната стапка е очекувана поради ситуацијата меѓународниот пазар на капитал, но и поради кредитниот рејтинг на земјава


 

Каматната стапка од 6,25 отсто со која нашата земја се задолжи 600 милиони евра на меѓународниот пазар на капитал е втората највисока која е постигната во вкупно девет издадени еврообврзници од 2005 година до сега. Највисока беше за задолжувањето во 2009 година, кога каматата изнесуваше 9,785 отсто, а најниска пред само две години кога беше постигната историски најниска камата од 1,625  отсто. Зошто е така и дали можеби Македонија можеше да помине подобро?

Според економистите кои што ги контактиравме, каматната стапка која треба да се плати за најновото задолжување е очекувана и е резултат на повеќе околности, пред сѐ на меѓународниот пазар на капитал, но и на кредитниот рејтинг кој што го има земјата, како и на кредитниот ризик, којшто исто така има свое влијание врз крајната камата, односно цената на парите со кои што некоја земја се задолжува, потоа рочноста и тн.

„На меѓународните финансиски пазари се заоструваат условите, речиси сите централни банки ги зголемија референтните каматни стапки, тоа го прави и Европската централна банка која деновиве ги зголеми клучните каматни стапки за 50 базни поени, а најавено дека и во март ќе има уште едно зголемување. И Федералните резерви на САД ја зголемија каматната стапка во обид да ја стават под контрола инфлацијата, а сето тоа влијае и на условите на задолжување на меѓународните финансиски пазари“, велат нашите соговорници.

Расте и референтната камата на Народната банка на Македонија, но тоа нема влијание врз нашето задолжување во странство

Референтната каматна стапка на централните банки е сигнал за раст и на цената на кошничката на кредити, пред сѐ на новоодобрените. Кај нас се гледа и по тоа што кредитите за претпријатијата кои сега се одобруваат се со просечна каматна стапка од 5,3 отсто, а беа 3,2 отсто. Помал е растот на каматните стапки за кредитите кај домаќинствата, иако и таму има раст.

Од друга страна, битно е и она што се случува во големите економии – на европскиот пазар за оваа година се предвидува многу низок раст од просечни 0,6 отсто, а стапката на инфлација се очекува да биде 7 отсто на годишно ниво.

„Сето тоа влијае и на состојбите и на условите на меѓународните финансиски пазари, а во нашиот случај секако влијание има и кредитниот рејтинг на земјата. Во ваква состојба кога се затега монетарната политика во светски рамки ова беше очекувано“, велат економисти.

Излегувањето на пазарот на капитал практично дојде непосредно по објавувањето на кредитниот рејтинг на нашата земја од страна на „Стандард и Пурс“, при што беше задржана оценката ББ- со стабилен изглед. Овој кредитен рејтинг Македонија го има во континуитет и според Министерството за финансии особено е значајно дека рејтингот не е променет и во време кога земјата се соочуваше со здравствено-економска криза, како и ценовната и енергетска криза. Претходно на Македонија ѝ беше одобрен и заем за претпазливост од ММФ, беа склучени и аранжмани со Светска банка, а завчера беше објавена и макроекономска поддршка од ЕУ во износ од 100 милиони евра.

Инаку, од Министерството за финансии објаснија дека парите од еврообврзницата ќе се користат исклучиво за финансирање на обврските за стари долгови, кои доспеваат за отплата годинава.

„По основ на главница и камата, за сервисирање на стари долгови кон надворешни кредитори, годинава треба да исплатиме 594 милиони евра за главница како и 138 милиона евра за камати. Од нив, најголемиот дел отпаѓа на седумгодишната еврообврзница издадена во 2016 година, и за која само во оваа година треба да се исплати износ од 450 милиони евра, со камата од дополнителни 25 милиони евра“, соопштија од Министерството додавајќи дека поради достасаните обврски, деветтата еврообврзница е издадена и покрај затегнатите услови на меѓународните пазари на капитал.

Паѓа во очи дека обврзницата од 2016 година беше со камата од 5,625 отсто, што значи дека тогаш задолжувањето беше поевтино, односно дека сега старите кредити ќе ги враќаме со ново задолжување со повисока камата (6,25 отсто).

Соговорник кој ги следи пазарите на капитал вели дека при постигнувањето на цената на задолжувањето многу е битна и намената на средствата. Доколку станува збор за инфраструктурни проекти е едно, а доколку кредиторите знаат дека треба да враќате стари долгови, тогаш состојбата е поинаква, вели тој.

Инаку и за него цената на задолжувањето е висока, но и очекувана, иако рокот во кој ќе треба да се вратат парите е прилично кус, само четири години.

„Незгодна работа е што главницата од еврообврзниците се враќа наеднаш, така што по четири години повторно ќе треба да се излезе на финансискиот пазар за да се обезбедат пари да се исплати оваа обврзница. Тоа е големо оптоварување за секоја економија“, вели соговорникот.

Тој прави споредба и со задолжувањето кое минатиот месец го направија други земји од регионот.

Така, на почетокот на годинава Словенија издаде 10-годишни обврзници во вредност од 1,25 милијарди евра и дополнителни обврзници во вредност од 250 милиони евра. Собраните 1,5 милијарди евра се очекува да ги покријат потребите на буџетот во првиот квартал годинава и рефинансирањето на долгот што доспева на крајот на март. Купонската каматна стапка за 10-годишните обврзници е 3,625 отсто, а за другите обврзници е 3,125 отсто.

Србија која издаде две обврзници во долари – едната со рок на доспевање од пет години, а  другата на десет години во вкупен износ од 1,75 милијарди долари (750 милиони долари за пет години и милијарда долари за десет години). Комбинираната побарувачка на инвеститорите за овие хартии од вредност надмина 11 милијарди долари. Српската еврообврзница со рок на доспевање од пет години е издадена со купонска стапка од 6,25 отсто, додека еврообврзницата со рок на доспевање од десет години е издадена со купонска стапка од 6,50 отсто и била пониска од пазарните каматни стапки на веќе издадените еврообврзници, со кои во моментов се тргува на меѓународните берзи, како и од каматните стапки, кои преовладуваа во последните месеци и кои се движеа над 8 отсто.

Исто така, со цел да се намали девизниот и каматниот ризик на јавниот долг, Србија склучи хеџинг трансакции, т.е. веднаш ги претвори обврските врз основа на емисија на еврообврзници во долари во обврски во евра, така што по хеџирањето, каматата изнесува шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за 2,9 п.п. за петгодишната обврзница, а шестмесечниот ЕУРИБОР се зголеми за 2,9 п.п. за десетгодишната обврзница 3,1 п.п.

Еврообврзницата која што ја издаде Македонија е со фиксна каматна стапка, што е уште една разлика во однос на српската.

Тоа практично значи дека Србија може да плаќа и повисоки камати доколку дојде до влошување на условите на финансиските пазари, но и помалку доколку почне тренд на намалување на каматите. Сето ова ќе зависи со каков успех централните банки ќе се справуваат со инфлацијата, велат нашите соговорници.

Од друга страна, и фиксната камата е меч со две острици, бидејќи доколку дојде до намалување на каматите, како што се очекува, практично ќе треба да платиме повеќе од условите кои би можеле да бидат на пазарот во наредните две-три години.

Треба исто така да се има  предвид дека Словенија и Србија имаат и подобар кредитен рејтинг од Македонија, како и дека едната земја е членка на ЕУ, а другата одамна ги има почнато преговорите со Европската унија.

Македонската влада на една од последните седници даде зелено светло за задолжување до 800 милиони евра. Сепак, Министерството за финансии се одлучи на помало задолжување, како што велат само на износот за враќање на старите долгови. Од министерството велат дека се одлучиле на рок на враќање на новиот долг од само четири години (наместо, вообичаениот од седум години), за да се намали годишниот буџетски трошок за каматни плаќања.

Индикативно е што минатата година нашата земја се откажа од намерата за задолжување преку издавање еврообврзница што тогаш беше образложено со неповолните услови на финансиските пазари. Така што се претпоставува дека годинава се добија поповолни услови.

„Меѓународните кредитори ги гледаат и извештаите на ММФ на Светска банка и на другите финансиски институции, како и извештаите за кредитниот рејтинг, изгледите така што каматните стапки на обврзниците се објективен одраз на сите тие состојби“, велат соговорниците.

Тие велат дека било какви прогнози се неблагодарни, имајќи предвид дека не така одамна сите светски економисти веруваа дека каматните стапки ќе останат ниски подолг период, односно дека нема да има инфлација. Но, истурањето пари во економите за време на пандемијата, сепак покажа дека балонот мора да пукне, иако сега се верува дека пикот на инфлацијата е достигнат, односно дека во догледно време ќе дојде до стабилизирање и намалување на инфлацијата на 2-3 отсто колку што е целта на развиените земји

Сепак, состојбите на меѓународните пазари се влошуваат, со забавување на растот или економии кои би можеле да влезат во рецесија.

Иако сега прогнозите се пооптимистички, треба да се земе  предвид дека лани во октомври ММФ во Светскиот економски преглед процени дека годинава една третина од земјите ќе доживеат контракција на економските активности, а дел ќе влезат во рецесија.

Така што, луѓето ќе ја перцепираат 2023 година како година на рецесија, иако можеби статистички нема да биде така, бидејќи официјално треба да има барем два квартали во минус за да се прогласи рецесија, велат соговорниците, додавајќи дека тоа може дополнително да ги влоши условите на финансиските пазари, што е многу важно и за Македонија, која очигледно, за да ги враќа долговите, но и да го покрива буџетскиот дефицит, повторно ќе треба да „чукне“ на вратата кај меѓународните кредитори. Главната дилема е по која цена тие ќе бидат подготвени да го „одврзат ќесето“.

Или, како што се вели во една реплика од филмот „Зона Замфирова“, во која еден од карактерите, Манулаче, вели „Сега парите се скапи, сега е оскудација“.