Седумдесеттина граѓани се жалеле за високи сметки за струја за јануари


 

До Регулаторната комисија за енергетика стигнале седумдесеттина поплаки од граѓани за повисоки јануарски сметки за струја, соопшти денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Тој негираше дека ЕВН не ги чита броилата, и покрај тоа што и во оваа компанија има недостиг на кадар, како и дека биле коригирани сите сметки каде што имало отстапување во однос на состојбата на броилата.

Инаку, во земјава има вкупно околу 600.000 домаќинства кои добиваат сметки од ЕВН. За граѓаните кои имаат проблем со сметките, но не реагирале до РКЕ, Бислимоски вели дека испратиле допис до ЕВН со објаснување како да постапува во тие случаи.

„Нема ниту една земја во Европа каде што има точно отчитување на 30 дена. Кај нас за да има што е можно поправично отчитување, постојат четири отчитувачки групи во рамките на еден месец, така што кај најголем дел од домаќинствата, кои се 600.000, се постигнува. Но, таму каде што има проблем се прават корекции со цел да бидат заштитени потрошувачите. Воведовме и можност секое домаќинство да си ја отчита состојбата на броилото, да ја достави до ЕВН и таа состојба е обврзувачка за ЕВН да ја имплементира во нивната сметка“, рече Бислимоски.

Тој е дециден дека ветувањето за пониски сметки за првиот и вториот тарифен блок се реализира и нагласи дека треба да се има предвид дека пресметките за првите сметки годинава се од два дела, односно за едната цена на струјата која важеше до 31 декември, а другата цена се важи од 1 јануари, кога струјата поскапе поради враќањето на ДДВ.

Бислимовски е категоричен дека граѓаните од првиот тарифен блок не плаќаат поскапа електрична енергија.

„Од 1 јануари има друга цена на струја и во првиот блок е поевтина за четири, а во вториот за три отсто. Со цел граѓаните да ги искористат тоа право на пониска цена во прв и втор блок, сметките се поделени. До 31 декември лани е една цена во прв и втор блок, а од 1 јануари годинава е друга цена, што е пониска. Просечна дневна потрошувачка за првиот блок е од седум киловат-часови, а од втор и трет блок е за 14 киловат-часови. Доколку периодот на отчитување од 1 јануари бил до 10 јануари – првиот блок е 70 киловат часови, вториот блок е од 70 до 210, а третиот блок е од 210 до 350 киловат часови“, објасни Бислимовски.