Седум хорови ќе ја отворат првата фестивалска вечер на ТЕХО во Тетово


 Со настап на седум хорови од Тетово, Скопје, Гевгелија, Скадар(Албанија),  Ниш(Србија) и Нов Зеланд вечерва во Центарот за култура во Тетово почнува најновото издание на Меѓународниот хорски фестивал ТЕХО. 

Пред отворањето и првиот ден од фестивалот во фоајето на Центарот ќе има изложба на плакати, фотографии и материјали од сите досегашни фестивалски изданија. Дел од изложбата ќе бидат и ретки фотографии кои сведочат за уште постарите моменти од долговечниот хорски живот во Тетово.

Утре, фестивалот ќе продолжи со хорски настапи на православна хорска музика во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“, а вечерта и во Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“.  

Влезот за сите настани е слободен.

Годинава, ТЕХО бележи 50 години од првиот фестивал што се одржал од 22 до 24 јуни 1973 година. На ова јубилејно издание ќе настапат 17 хорови и околу 600 хористи, а настанот е под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.