Се затвораат Меѓународниот аеродром „Скопје“ и сите копнени гранични премини
Се прават напори сите наши државјани заглавени на границите во трети замји да се вратат во татковината
Се затвора Меѓународниот аеродром во Скопје освен за државни, воени, карго и хуманитарни и празни летови по истекот на 48 часа од денот на влегување во сила на одлуката, соопшти вечерва на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче по владината седница. Покрај тоа, Владата вечерва одлучи да се затворат и сите копнени гранични премини за премин на странски државјани, патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила, за претставници на дипломатскиот кор како и за други лица за кои МВР ќе даде дозвола по претходно мислење на Главниот координативен штаб, кој ќе потврди дека постои посебен државен интерес.
„Овие товарни возила и лица ќе влезат во Македонија според посебни услови за заштита согласно протоколот на Министерството за здравство“, рече Филипче.
Зборувајќи за проблемот на наши граѓани заглавени на меѓуграничните премини на други држави, Министерот за надворешни работи, Никола Димитров рече дека се прават напори тие да се вратат дома. Вчера имало две групи на хрватско-српската и на унгарско-српската граница кои успешно се превезле до Македонија, а вечерва се прават напори тоа да им се овозможи на околу 200 наши државјани кои биле заглавени на унгарско-српската граница и кои преку Романија и Бугарија се очекува рано наутро да пристигнат на граничниот премин Деве Баир.
Димитров го повтори апелот да не се патува без потреба бидејќи ситуацијата на границите се менува од час во час.
„Дури и оние кои имаат купено повратни авионски билети немаат гаранција дека ќе може да патуваат, бидејќи се затвораат гранични премини и аеродроми или се откажуваат летови“, рече Димитров.
Тој апелираше и до оние наши државјани кои маат регулиран престој во трети држави, да останат таму и да ги следат упатствата на државите каде што престојуваат.
„Апелот е немојте да патувате. Сосема е неизвесно кога ќе може да се вратите“, рече Димитров, додавајќи дека има примери нашинци да чекале по 15 и 20 часови во меѓуграничните премини.
Тој рече дека има наши државјани кои чекаат на аеродромите во Виена, во Њујорк и други места за кои се прават напори да се вратат во татковината.
Состојбата може дополнително да се искомплицира со оглед дека во рамките на ЕУ се дебатира за времено затворање на границите односно на Шенген зоната, за сите несуштински патувања.
Димитров нагласи дека од суштинска важност е да се одржи непречен проток на стоки, за што имаат интерес сите земји од регионот.
„Сите држави имаат витален интерес и сакаме да усогласиме протоколи ова да оди мазно“, рече Димитров, додавајќи дека пред два дена на италијанско словенечката граница имало блокирано околу 3.000 камиони, меѓу кои и од Македонија.
„Оваа криза бара сите капацитети да бидат во функција на решавање на проблемите“, рече Димитров.