Се уште не се знае кој од Македонија ќе оди на погребот на Елизабета Втора


Во државниот врв се уште не е донесена одлука дали и кој ќе присуствува на погребот на кралицата Елизабета Втора  на 19 септември во Лондон.. Тоа ќе биде прв ваков голем државен погреб во Обединетото Кралство од смртта на Винстон Черчил во 1965 година.  

Според она што се дознава, британското МНР веќе испратило циркуларна нота до сите странски амбасади во Лондон, вклучувајќи ја и нашата, која содржи насоки и информации околу погребот , но не и директна покана, така што државите сами треба да решат на кое ниво ќе бидат преставени на овој високополитички настан, каков што немало од погребот на Нелсон Мандела. 

Крајните информации од Лондон се очекуваат во текот на утрешниот ден така што тогаш веројатно и ќе биде донесена одлука кој  од Македонија ќе патува на погребот на кралицата Елизабета при што очекувањата се дека тоа  ќе биде  на ниво на рангот што ги имаше таа во политичката хиерархија, како шеф на држава.  

Погребот веројатно покрај претседатели и премиери ќе ги собере во Лондон повеќето кралски семејства од Европа и пошироко.