Се трошат последните вакцини во земјата


Се трошат последните залихи на вакцини. Во моментов има уште 5.000 за прво вакцинирање, покрај тие што се чуваат за ревакцинирање. Според министерот за здравство Венко Филипче неделава се очекува да пристигнат нови 70.000 вакцини од Бугарија и Грција, најверојатно од Астра Зенека, додека пристигнувањето на кинеските вакцини „Синовак“ е неизвесно.  

Недостигот на вакцини се чувствува неколку дена наназад. Во саботата прва доза вакцина примиле само 597 граѓани, а  вкупно се вакцинирале 10.792 граѓани. Се вакцинира критичната инфраструктура и лица со ретки болести. Досега 47 % од населението над 70 години  и 41 % над 65 години примиле една доза вакцина. 

Со оглед на овие податоци од министерството, прашање е за кого ќе бидат наменети вакцините на Астра Зенека од Бугарија и Грција. Дали државата по оваа пратка ќе го смени ставот и ќе дозволи вакцинација на сите полнолетни граѓани како што тоа го направи Германија пред три недели. 

Инаку, досега вкупно се дадени 315.781 дози вакцини, а ревакцинирани се 81.273 граѓани што е само 4 проценти од вкупното население.