Се создава нова светска асоцијација на бродари
Германски „Хапаг-Лојд“ (Hapag-Lloyd)и дански „Маерск“ најавија формирање на нов логистички сојуз на почетокот на 2025 година. Алијансата „Џемини кооперејшн“ (Gemini Cooperation) ќе вклучува 290 бродови со вкупен капацитет од 3,4 милиони контејнери (TEU), при што „Маерск“ ќе обезбеди 60 отсто, а „Хапаг-Лојд“ остатокот.
Според договорот, „Хапаг-Лојд“ ќе ја напушти бродската алијанса „THE Alliance“ на крајот на јануари 2025 година, која вклучува три споени јапонски линии наречени „Ocean Network Express“ (ONE), тајванската „YangMing“ и јужнокорејската HHM, порано „Hyundai Merchant Marine“.
„Маерск“, пак, ќе го прекине сојузот „2М“ со швајцарската компанија за транспорт на контејнери MSC, како што најави пред една година.
Двата сојузи им помогнаа на испраќачите да го приспособат капацитетот во последниве години на променливите модели на побарувачка на рутата Азија-Европа, како и на Атлантикот и Пацификот.
Во меѓувреме, компаниите ги сменија стратегиите за да обезбедат пазарен удел во променетите услови на постпандемискиот свет каде што приходите од товарот паѓаат во голема мера поради слабиот економски раст.
Вториот и петтиот најголем оператор на контејнерски бродови ќе ја извршат транзицијата до крајот на годината, а корисниците ќе продолжат да добиваат услуги според постоечките договори, се вели во заедничкото соопштение.
Соработката ќе ги опфати трговските правци Азија/Западниот брег на САД, Азија/Источниот брег на САД, Азија/Блискиот Исток, Азија/Медитеранот, Азија/Северна Европа, Блискиот Исток-Индија/Европа и Трансатлантскиот, пренесува бизнис порталот СЕЕбиз.