Се што најавија западните медиуми се остварува: Путин распоредува војници во источна Украина

Се што најавуваа како сценариот западните политичари и медиуми почна да се остварува. Место лажните најави дека се повлекува, рускиот претседател Владимир Путин вечерва наредил распоредување војници за да се зачува мирот во регионите на источна Украина, Луганск и Доњецк.Овие територии се под контрола на сепаратистите, а Москва од денеска ги признава како независни држави, јави ДПА.
Во декретот објавен на интернет страницата на руската влада со датум од 21 февруари, се вели дека тој стапува во сила веднаш.Во него се вели дека руската војска ќе влезе во Доњецк на барање на републиката за „да го одржи мирот“.Документот исто така му дава задача на руското Министерство за надворешни работи да подготви „договор за пријателство, соработка и взаемна помош“ со Република Доњецк и да го достави до Кремљ на потпишување.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја осуди одлуката на Путин да ја признае независноста на проруските сепаратистички региони во источна Украина и повика на „целни европски санкции“ против Москва, јави дописникот на МИА.
Според соопштението од Елисејската палата, францускиот претседател повика на „итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации“, осудувајќи го „едностраното кршење на меѓународните обврски на Русија и нападот врз суверенитетот на Украина“, се наведува во соопштеното на претседателството на француската република.
Велика Британија веќе најави дека утре ќе ги соопшти санкциите против Русија по вечерашново признавање од страна на Москва на отцепените украински региони Луганск и Доњецк, изјави шефицата на британската дипломатија,Лиз Трас, јави ДПА
„Утре ќе објавиме нови санкции кон Русија како одговор на нивното кршење на меѓународното право и нападот врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, напиша на Твитер министерката Трас.
Британскиот премиер Борис Џонсон претходно вечерва одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да го признае суверенитетот на бунтовничките области го нарече „лош знак“ и „флагрантно кршење на меѓународното право“.
Американскиот претседател Џо Бајден исто така ќе издаде извршна наредба со која ќе се забранат инвестиции, трговија и финансирање од американски поединци во Доњецк и Луганск, во источна Украина, соопшти Белата куќа. Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, вечерва изјави дека извршната наредба „исто така ќе обезбеди овластување за воведување санкции за секое лице кое ќе одлучи да продолжи да дејствува во овие украински области“.
Казнените мерки „се одвоени и ќе бидат дополнување на брзите и строги економски мерки што ги подготвувавме во координација со сојузниците и партнерите доколку Русија дополнително ја нападне Украина“, додаде Псаки, пренесе ДПА.