Се шири миризба од ОХИС, од Инспекторатот велат дека доаѓа од големата депонија со линдан


Фото: Б. Грданоски

Поради зголемување на температурите можно е во одредени временски интервали да се јавува непријатен мирис, кој потекнува од големата депонија и оваа состојба е години наназад. Големата депонија локациски се наоѓа веднаш до малата, која се чисти. ДИЖС континуирано врши инспекциски надзори – 15 дена нема активности во шаторот-мала депонија, велат од надлежниот Инспекторат за 360степени.

Од ОХИС се шири зашеметувачка миризба, реагираат граѓани кои поминуваат покрај некогашниот хемиски гигант, каде, пак, непрописно се депонирани илјадници тони остатоци од канцерогениот линдан.

„Има неверојатна зашеметувачка реа. Доколку чекате со отворен прозор на семафорите или сте во близина на овој објект, ќе сфатите дека се работи за сериози индикации за испуштање на токсични материи. Секое мое застанување на овој семафор го имам идентичното солзење на очи, распарувачки здив и чувство на опасност“, сведочи граѓанин за „360 степени“ .