Се шири истрагата за дискотеката „Пулс“, опфатени и инспекторите од УЈП

Во тек е проширена истрага за случајот „Пулс“, во која, покрај првично обвинетите, се опфатени и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП), но и лица од други институции. Државниот обвинител Љупчо Коцевски потврди дека се проверуваат повеќе инкриминирачки дејствија, без да открие детали, нагласувајќи дека обвинителството ќе ги испита сите сомнежи до крај.
„Со завршување на обвинението не значи дека заврши и постапката за Кочани. Овие податоци изнесени од ИРЛ не се ништо ново, сите пораки беа испратени и до одбраната, до судот и до МВР. Но тоа е само мал дел од она што Обвинителството го располага во моментов. Има уште најмалку десетина инкриминирани дејствија, што значи дека постапката не е затворена, ниту во однос на УЈП, ниту во однос на други институции. Политиката е едно, но работата на обвинителството е сосема друго. Јас ќе продолжам да работам чесно и законито“, изјави Коцевски.
Меѓу имињата што се споменуваат во комуникациите со синот на сопственикот на „Пулс“ е и инспекторот на УЈП, Драган Паунов, брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска.
Обвинението за пожарот во „Пулс“ треба да биде оценето од Кривичниот суд до крајот на неделата. Во меѓувреме, предметот против осомничените полициски службеници од Кочани и Штип, кој го води Обвинителството за организиран криминал и корупција, сè уште е во истрага.
Инаку, инспекторите од Управата за јавни приходи кои комуницирале со синот на газдата во кочанската дискотека се суспендирани се додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба.
-Во објавата (на ИРЛ) беа презентирани комуникации меѓу вработени лица и даночен обврзник, кои укажуваат на можност за оддавање на даночна тајна, како и неовластено информирање за претстојни контроли и координирани активности со други надлежни институции. Ваквото однесување претставува сериозно прекршување на Кодексот на однесување на вработените во УЈП. Управата за јавни приходи веднаш пристапи кон спроведување на внатрешна проверка на наводите изнесени во објавата и донесе решение за суспензија на вработените лица кои се опфатени во случајот, сè додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба. Оваа мерка е преземена со цел заштита на институционалниот интегритет, угледот на Управата и довербата на граѓаните. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на принципите на законитост, транспарентност и професионализам, и ќе продолжи да спроведува нулта толеранција кон секое однесување што ги нарушува овие вредности. Граѓаните можат да бидат уверени дека УЈП ќе продолжи да делува исклучиво во јавен интерес, со највисоко ниво на етика, одговорност и отчетност“, порачаа од УЈП.