Се санира плочникот на плоштад и на улица „Македонија“


Фото: Б. Грданоски

Екипи на јавното претпријатие „Улици и патишта“ по налог на Град Скопје интензивно работат на санација на плочникот на улица „Македонија“ на потегот од крстосницата со улица „Димитрија Чуповски“ до крстосницата со улица „Даме Груев“ во центарот на градот.

Од претпријатието соопштија дека во тек е санацијата на плочникот од книжарата „Култура“ до улица „11 октомври“, а по завршувањето на овој дел екипите продолжуваат кон кафе барот „Плеј Кафе“.

-При санацијата на овој потег на улицата „Македонија“ се врши отстранување на оштетените и пропаднати плочи, рамнење на подлогата и повторно враќање и подредување на плочите. Санацијата на оштетената површина од улицата се изведува со цел безбедно движење на пешаците во центарот на градот, информираат од претпријатието.