Се расипа единствениот исправен радар на Скопскиот аеродром

Се расипа единствениот исправен радар во Контролата на летање во Македонската навигација (М-НАВ) на Скопскиот аеродром, со што од вчераутро контролорите не можат да ги гледаат авионите на мала висина, кога слетуваат. Од двата радара, едниот врз Контролната кула, другиот во нејзина непосредна близина, во функција бил само вториот, кој сега се расипа. Додека не се отстрани дефектот, односно додека не стигне делот од Италија, ќе мора контролорите да ги слетуваат авионите еден по еден. Ако се погоди истовремено и друг, трет авион за слетување, ќе мора да кружат малку на небо, додека не слета тој пред нив.
Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврдил директорот на М-НАВ Владимир Ристески, кој кажал дека работата ќе си се одвива како и досега, само со побавно темпо и оти најважно е што нема никаков безбедносен ризик со слетувањето и со полетувањето на авионите на Скопскиот аеродром.
„М-НАВ располага со 3 радарски глави. Една покрај Охридскиот аеродром и 2 на Скопскиот аеродром. Едната на Скопскиот аеродром е во моментов со технички квар кој е детектиран и се работи на негово отклонување. Ваквите технички кварови од електронска природа се нормални појави во авијација и кога се случуваат има предвидено соодветни безбдносни процедури во работата со цел да се продолжи со давање на услуги кон авио-компаниите во такви околности. М-НАВ ги применува токму тие процедури и во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони кои можат да се опслужат на еден час. Овие регулации ќе останат на сила се до отклонување на кварот на радарската глава. М-НАВ вонредно ги ангажира своите стручни лица со цел што побрзо враќање на радарската глава Алениа – Бањски Рид во употреба“, вели претседателот на УО на М-НАВ Владимир Ристески.
Контролорите на летање летово се заканија со штрајк ако не се инсталира нова опрема, предупредувајќи дека не само стариот радар, туку и софтверот и останатата опрема ќе почнат да откажуваат. Откако добија уверување од новиот менаџмент дека новата опрема ќе се инсталира, контролорите претставени од Синдикатот на контролори на летање, го ставија штрајкот во мирување.
Директорот Ристески вели дека тој договор со Синдикатот останува, но се чека сезоната на густи прелети да заврши целосно.