Се повеќе станови, се помалку жители во Македонија


Масовната урбанизација се потврди и на пописот, што е една од најкорисните информации на оваа статистичка операција. Според објавените податови од Државниот завод за статистика  во Македонија има вкупно 839.174 станови  и споредено со 2002 година нивниот број е зголемен за 141.031  или 20,2 отсто.  Што значи иако бројот на жителите се намалил значајно, бројот на становите е во нагорна линија така што Македонија и буквално се претвора во бетонска држава во која се помалку граѓани сакаат да живеат. 

Куриозитет е исто така дека во Скопје се регистрирани 526.502 жители, а вториот најголем град во државата, Куманово, има само 98.104  жители. Споредено со 2002 година, бројот на жители во главниот град пораснал за околу 20.000. Интересно е исто така дека во споредба со  пописот од 2002 година, бројот на станови во Скопје пораснал за 50.105, што е зголемување од 30,6 отсто за две децении, или поедноставно се граделе по 2.500 станови годишно. 

 Најбрзо растечка општина во Скопје, според податоците, е Аеродром каде што се регистрирани дури 5.726 жители повеќе и таа е една од ретките 14 општини во кои има раст на бројот на жителите место опаѓање, што се должи на интензивната изградба на станови тука.

За разлика од Аеродром, тоа претерано градење и Скопје 2014,  по се изгледа, ги истерало жителите на Центар каде што бројот на регистрирани жители се намалил за 1.519. Всушност Центар, Чаир и Гази Баба се единствените населби во Скопје  каде што  бројот на жители се намалил  – до 3.000, иако трендот е добар дел од внатрешност да се доселува во Скопје.