Се појавија жаришта во студентските домови во Србија


Тројца студенти, сместени во студентски домови во Белград, Србија, се заразени со корона вирус, а уште 20 биле во контакт со нив.
Неодамна, голем број студенти се вратија во домовите по отсуството поради епидемијата од корона вирус, а денеска беа потврдени првите случаи на зараза.
Од Студентскиот центар во Белград велат дека во согласност со испитните и наставните програми, многу студенти од сите делови на земјата и регионот се вратиле на факултетите и во студентските домови во Белград.
„Според информациите од Заводот за здравствена заштита на студентите Белград, од враќањето на студентите во студентските домови на 15 мај, потврдени се три случаи на инфекција со Ковид-19. Овие студените немале симптоми при враќањето во студентскиот дом, но биле во контакт со заразени лица, за што дополнително дознале“, велат од таму.
Заболените добиле соодветен третман, а 20 лица кои биле во контакт со нив се изолирани и тестирани.
На сите им се советува да ги применуваат воведените мерки и да носат маски, како и да одржуваат хигиена во целиот простор.
Епидемиологот Предраг Кон вели дека голем проблем е враќањето на 17.000 студенти во домовите и потврди дека има заразени случаи.
Тој нагласи дека има жариште и во една градинка, каде хигиеничарка била заболена, а ги заразила трите колешки со кои патувала. Дополнително, во Нови Пазар има жариште по прославата на празникот Бајрам, каде 250 луѓе се држат под надзор.