Се ниша фотељата на првиот човек на Светска банка, бил „негатор на климата“

Поранешниот потпретседател на САД, Ал Гор, но и екологисти, повикаа на смена на Дејвид Малпас поради неговиот однос кон климатските промени. Малпас ги отфрла критиките како „неосновани“, вели дека нема да се повлече


Дејвид Малпас

 

Поранешниот потпретседател на САД, Ал Гор, во вторникот повика на промена на раководството на Светска банка и на нејзиниот претседател Дејвид Малпас, жалејќи се дека институцијата не прави доволно за да финансира проекти за чиста енергија во сиромашните нации.

„Мораме да ги отстраниме највисоките слоеви на ризик од пристапот до капитал во овие земји во развој“, рече Гор на климатскиот настан организиран од Њујорк Тајмс. „Тоа е работа на Светска банка — да ги координира другите мултилатерални развојни банки — и тие едноставно не го прават тоа“.
„Треба да се ослободиме од тоа лидерство“ и „да ставиме ново раководство“, рече Гор, експлицитно повикувајќи го претседателот Џо Бајден да ја направи промената. „Смешно е да се има негатор на климата на чело на Светската банка“, пренесе Блумберг.

Како најголем акционер на Светска банка, САД имаат значително влијание врз нејзиното работење и традиционално го назначуваат претседателот на оваа финансиска институција. Претходно оваа година, Меѓународниот монетарен фонд — со поддршка од САД — го смени назначениот од Трамп кој беше негов функционер број 2.

Претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас, подоцна во вторникот ги отфрли критиките за климатската работа на организацијата, нарекувајќи ги „неосновани“ и упати удар кон Гор: „Тој може да се претстави како климатска личност. Не знам какво влијание има тоа“.
Говорејќи на истиот настан во Њујорк, Малпас ја наведе „супер силната поддршка на американската влада во целиот одбор за иницијативите што ги преземаме“ и ја нагласи дека институцијата се тргнала од поддршката на јагленот. Тековните напори имаат за цел да ги дефинираат и таргетираат проектите што имаат големо влијание, рече тој.

Во соопштението испратено преку е-пошта, Светската банка истакан дека „е најголемиот мултилатерален финансиер на климатски инвестиции во земјите во развој“.

„Под водство на Дејвид Малпас, Групацијата Светска банка ги удвои своите финансиски средства во областа на климата, објави амбициозен акционен план за климатски промени и иницираше дијагностика за поддршка на климатските и развојните цели на земјите“, соопшти банката.

Притиснат неколку пати дали ја прифаќа науката дека емисиите предизвикани од човекот од согорувањето на фосилните горива опасно ја загреваат планетата, Малпас рече: „Не знам. Јас не сум научник“.

Сепак, еколошките активисти ги повикаа Светската банка, ММФ и другите меѓународни финансиски институции поагресивно да ги поддржат проектите со ниска и нула емисија јаглерод диоксид ширум светот, особено во земјите во развој кои ќе генерираат огромно мнозинство на нови емисии на стакленички гасови.

Во моментов, постои „нееднаков пристап до приватен капитал“, при што државните претпријатија често поддржуваат проекти за фосилни горива, рече Гор. „Тоа мора да се поправи“.

Гор зборуваше приближно шест недели пред меѓународните преговори за климата во Египет и во пресрет на серијата катастрофи поврзани со климата, вклучително и разорните поплави во кои загинаа повеќе од 1.500 луѓе во Пакистан.

Ал Гор и Дејвид Малпас

Во интервју за „Политико“ во петокот, Малпас рече дека нема да поднесе оставка и дека тоа од него не било побарано од ниту една од владите-членки на банката. Тој призна дека требало да заврши подобра работа одговарајќи на прашања во вторникот, кога претходно истиот ден беше побарано да одговори на обвинението од поранешниот потпретседател Ал Гор дека бил „негатор на климатските промени“.

„Кога ме прашаа: ‘Дали си негатор на климата?’ Требаше да кажам не“, рече тој, пренесе АП.

Малпас, исто така, рече дека Светската банка зазема „силно лидерска“ позиција за климатските прашања.

„Јасно е дека емисиите на стакленички гасови од човековата активност предизвикуваат климатски промени“, рече Малпас во петочното интервју. „Значи, задачата за нас, за светот, е да ги собереме проектите и финансирањето што всушност има влијание“.

Малпас беше номиниран на позицијата од поранешниот претседател Доналд Трамп во 2019 година, според долготрајната традиција која им овозможува на САД да го изберат шефот на Светска банка и европските влади да го изберат шефот на Меѓународниот монетарен фонд. Неговиот петгодишен мандат завршува во април 2024 година.
Прес секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, во петокот рече дека администрацијата на Бајден не се согласува со коментарите на Малпас дека климатските промени не се предизвикани од човечка активност.

Жан-Пјер не кажа дали администрацијата ќе се обиде да го отстрани Малпас, бидејќи тоа ќе бара одобрение од другите членки на Светската банка.

Министерството за финансии „ќе го смета Малпас одговорен“, рече Жан-Пјер, „и ќе го поддржи многубројниот персонал кој работи на борбата против климатските промени во Светската банка. Но, повторно, отстранувањето ќе бара мнозинство од засегнатите страни“.

Еколозите побараа Малпас да биде исфрлен доколку е потребно.

„Климатското негирање нема место во светот каде што милиони луѓе страдаат од пустошот на оваа криза“, рече Јохана Чао Крајлик, претседател на Унијата на загрижени научници. „Малпас треба веднаш да се замени“.

 

Видео:

Погледнете како Ал Гор бара смена на шефот на Светска банка, велејќи дека е „смешно да се има негатор на климата“ на таква позиција.