Се множат „паразитите“, меѓу нив и Мицкоски според СДСМ


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан  Мицкоски, земал речиси 100.000 денари месечно во време на ВМРО-ДПМНЕ, а минималната плата тогаш била 8.000 денари, објави денес СДСМ откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ со денови објавува плати на директори во јавни и приватни претпријатија кои не се ништо поразлични од времето кога тие беа на власт и кога ги држеа тие функции. 

-Христијан Мицкоски е прв и главен паразит на ВМРО-ДПМНЕ. Додека бил советник за енергетика, директор на АД ЕЛЕМ, но дури по неговото разрешување, Мицкоски добил над 93.000 евра пари од граѓаните.Во времето на ВМРО-ДПМНЕ, кога минималната плата беше 8.000 денари, Мицкоски земал речиси 100.000 денари плата од ЕЛЕМ.

Покрај тоа што земал хонорари и плата од АД ЕСМ Мицкоски добивал надоместок и после неговото разрешување, на име разлика во плата од АД ЕСМ добивал месечно 60.444,00 денари.За 12 месеци му се исплатени вкупно 805.920,00 денари бруто. По раскинување на менаџерскиот договор, примил уште над 13.000 евра пари од граѓаните.

Покрај Мицкоски и Гордана Кочоска Димитриевска примала надомест по разрешувањето од функцијата член на управен одбор и директор за финансии на тогашното АД ЕЛЕМ. Гордана Кочоска Димитриевска уште една година примала цела плата од 66.432 денари нето.Еве кои се вистинските паразити и по разрешување од функцијата продолжиле да земаат пари од граѓаните иако можеле да се откажат од таквата придобивка, објавија од СДСМ. 

Претходно од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со обвинување дека еден од листата кој котира на врвот по богатење на грбот на граѓаните е Зоран Китанов, кој како претседател на одборот на директори во Телеком именуван од Владата на СДС и ДУИ зема месечна плата од над 6.200 евра.

-Ако се пресмета, Китанов за еден мандат од четири години, на негово конто ќе легнат скоро 300.000 евра.Неговиот заменик во Телеком, кој исто така е назначен од владата, Садула Дураку од ДУИ месечната плата му изнесува 1.500 евра, или за четири години ќе заработи над 80.000 евра, додека неизвршниот член на одборот на директори, Шкодране Дардишта, која на јавноста ја започна по нејзините изјави во кои се закануваше со војна, секој месец зима плата од над 1.000 евра, или 50.000 евра за еден мандат.

Додека државата е во енергетска криза, и граѓаните плаќаат повисока цена за потрошена електрична енергија, директорот на ЕЛЕМ, Васко Ковачевски месечно заработува над 1.700 евра. Вкупно 1.700 евра за Ковачевски, додека секој ден ни се случуваат хаварии и дефекти во енергетскиот систем и додека нема пари за обновување и унапредување на енергетските капацитети, стои во објавата на ВМРО-ДПМНЕ.