Се менува законот: Нова можност за откуп на државно земјиште под зградите
Нова можност за приватизација на државното градежно земјиште и поедноставени процедури за сопствениците на станови и деловни простории. Ова го предвидуваат измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, кои денеска се на второ читање пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Една од најважните измени е отворањето нов рок од една година во кој одредени категории поранешни сопственици ќе можат да поднесат пријави до Катастарот за претворање на правото на користење на неизградено градежно земјиште во право на сопственост. Рокот ќе почне да тече по стапувањето во сила на законот.
Со предложените измени се олеснува и приватизацијата на земјиштето под станбените згради. Сопствениците на станови и деловни простории ќе можат да го приватизираат земјиштето под објектот врз основа на катастарските податоци, без дополнителен геодетски елаборат за тој дел од земјиштето.
Се уредуваат и случаите кога на иста градежна парцела има повеќе објекти со различни сопственици, како и можноста во веќе започната постапка за приватизација да се вклучат дополнителни парцели или лица со право на сопственост.
Истовремено, се предвидува Катастарот во рок од две години по стапувањето во сила на законот да ги избрише преостанатите запишани права на користење на градежно земјиште, со исклучок на правата што се заштитени со закон.
Од Управата за имотноправни работи објаснуваат дека целта е да се надминат долгогодишните проблеми со нерешените имотноправни односи и да се обезбеди поголема правна сигурност за граѓаните и компаниите.
Предлог-законот веќе го помина првото читање во Собранието, а за да почнат да се применуваат новите правила, потребно е негово конечно усвојување.