Се „крчка“ нов, трет план за ДУП за Лисиче
Околу 230 анкетни листови доставија жителите на Лисиче до Општина Аеродром на вториот повик, по жестокиот отпор од тамошното население и протестите поради првичниот план за изградба на 11 висококатници по должина на булеварот „Србија“ и улицата „12. Македонска бригада“.
Сега, како некое компромисно решение, се готви нов, трет план за новиот ДУП за Лисиче, Урбан блок ЈИ 09.01, кој, дури и да го прифатат граѓаните, неизвесно е дали ќе „помине“ кај надлежните институции.
Во следниот период се очекува комисијата во рамки на општината да ги разгледа сите поднесени анкетни листови и да се види како планот ќе се тера понатаму.
– Доколку забелешките од граѓаните се прифатат, како што беше случај со минатата анкета, каде беа прифатени најголем дел од мислењата изнесени преку анкетните листови, дополнително ќе биде разгледана и потребата од корекции и изнесување на уште една јавна анкета пред граѓаните – ни изјавија од Општина Аеродром.
Последниот предлог беше наместо планираните девет згради на почетокот од Лисиче, да се направат две згради, од кои една со две кули, повисоки од претходно планираното, и една пониска, со деловни простории на приземјето и првиот кат од страната на булевар „Србија“. Како решение се предложени и потесни пристапни улички низ населбата.
-За разлика од претходната варијанта на планот, во која се предвидуваат станбени згради по целата должина на булеварите „Србија“ и „12-та Македонска бригада“, во новата варијанта предвидени се две градежни парцели за станбени згради, и тоа една на самиот агол, во која е предвидена изградба на две кули со 10 ката, поврзани на приземјето и првиот кат, и уште една градежна парцела во која е предвидена релативно ниска станбена зграда со 3 ката и поткровје. За градежната парцела на аголот, на која се предвидени двете кули, во однос на претходната варијанта на планот намален е габаритот во основа, како и вкупната површина на објектот, а со новото решение е предвидена просторна композиција поприкладна за аголна локација, како од естетски, така и од аспект на непопречување на осончувањето и проветрувањето на населбата. Останатите промени во планот се однесуваат на индивидуални градежни парцели и истите се направени на барање на сопствениците, кои поднеле анкетен лист на претходната јавна анкета – е одговорот што го добивме од планерите од „Тајфа – план“, ангажирани од општината да го изготват проектот.
Од таму велат дека во однос на испланираните пристапни улици со широчина од 3,5 метри, истите се предвидени поради голем број приговори на првата јавна анкета, бидејќи за изведба на станбени улици со стандардни димензии би требало да се изврши експропријација на земјиште на жителите на населбата.
-Иако улиците со ваква широчина се во согласност со урбанистичките прописи, но јавна презентација беше нагласено дека е можно да не бидат дозволени од надлежните институции (Град Скопје, Министерство за транспорт и врски), бидејќи истите се применуваат во исклучителни случаи и во праксата вообичаено не се претпочитаат. Со оглед на тоа што оваа промена во однос на претходната варијанта беше направена на барање на граѓаните, сметавме дека е коректно да им се соопшти дека е можно во понатамошната постапка на планот да треба улиците да се планираат со поголема широчина – велат од „Тајфа план“.
Општина Аеродорм сѐ уште го нема доставено УП за кој прашувате. Од тие причини, Министерството за транспорт и врски не може да даде мислење по однос на овој план, појаснуваат од министерството.
– Во однос на носење на ДУП-ви, согласно Законот за урбанистичко планирање, тоа е делегирана обврска на општините, а министерството дава забелешки согласно техничките параметри и усогласноста на ДУП со ГУП – додаваат од таму.
Жителите и натаму сметаат дека нивната населба, која се состои претежно од куќи, ќе се најде затворена со „ѕид“, доколку се изградат предвидените згради.
– Ние, жителите, јасно и гласно побаравме зачувување на постојната урбанистичка состојба во населбата. И поднесовме над 200 анкетни листови што претставува поголем број од првобитната анкета кога се поднесоа стотина анкетни листови. Ова е уште еден показател дека лисичани се против овој бетонизирачки предлог ДУП. Новиот предлог апсолутно не го решава проблемот, туку е обид за замачкување на очи и ја отвара пандорината кутија за нови згради и бетонизацијата на населбата – вели Тодор Кацаров, жител на населбата и активист, кој ги алармира жителите да реагираат против усвоување на ваквиот план за Лисиче за „Независен“.
Тој најави продолжување на борбата, институционално и вонинституционално и вели дека остануваат посветени на принципот дека во Лисиче нема место за згради.
По завршувањето на јавната анкета, комисија составена од претставник на општината, надворешен член и претставник на изработувачот на планот ги разгледуваат анкетните листови кои пристигнале за време на јавната анкета и заеднички одлучуваат дали поднесените барања ќе се прифатат. Откако оваа комисија ќе заврши со одлучувањето по анкетните листови, се изготвува извештај, врз основа на кој изработувачот на планот постапува и ги вградува во планското решение прифатените забелешки на граѓаните.
Со овој текст, Независен весник се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.