Се истражува вмешаност на други вработени во МВР во аферата со пасошите


Основното јавно обвинителство го задолжило МВР  да  утврди кои организациски единици  требало да вршат надзор и како и кој сè од структурите во Министерството, освен обвинетите, имаат пристап до податоците кои биле злоупотребени во аферата „Двојник“.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинителен предлог против 11 лица за нелегалното издавање пасоши на странски државјани преку злоупотреба на идентитет на македонски државјани.  Паралелно, истрагата ќе продолжи и натаму за да се утврди вмешаност и на други лица од МВР , поради што се издадени  наредби да се утврди хиерархиската поставеност и кој се имал пристап до злоупотребените податоци.Од обвинетите 11 лица, десетмина вработени во Одделението за управни работи во МВР се товарат продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, додека посредникот Раиф Мифтари, кој е во бегство, е обвинет за поттикнување.

Според ОЈО Скопје, пасошите се издавале во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година на 214 странски државјани и на еден македонски,за кој претходно министерот Оливер Спасовски посочи дека станува збор за избеганиот ексначалник на Петата управа во УБК, Горан Грујевски.

Тие, според ОЈО Скопје, користеле идентитети на македонски државјани кои досега не ваделе македонски пасоши, а се иселени од земјава или од раѓање живеат во странство и никогаш не оствариле влез во Македонија.

Обвинителството засега нема информации каде и колку  бараните криминалци ги користеле македонските пасоши, но го задолжиле МВР преку своите инструменти во државата и во странство да провери и сето тоа да го документира со писмени докази.

Во соопштението од ОЈО Скопје се наведува дека пасошите биле издавани на тој начин што се заобиколувалa постапката предвидена во Законот за патни исправи на државјани на РМ, и термините за сликање биле закажувани без да се прават проверки.

„Пасошите во најголем број случаи биле издавани без закажан термин за фотографирање преку систем ’Симболико‘, без проверка на идентитетот на подносителот на барањето со постоечките податоци во централниот систем, спротивно на Упатството за земање на биометриски податоци и приложени докази и соодветност на податоците кон барањето, без почитување на предвидените рокови за изработка и издавање на патни исправи и утврдување на идентитетот на подносителот на барањето“,велат од ОЈО Скопје.

Обвинителството бара да се продолжи притворот за седуммина од обвинетите, меѓу кој е и избеганиот Мифтари за кого мерката ќе стапи на сила кога ќе биде достапен на органите на прогонот. За останатите тројца, пак, има мерки на претпазливост, како одземање пасоши и забрана за напуштање на живеалиштето. Покрај ова, обвинителството најавува дека го истражува случајот и понатаму за да се открие евентуална вмешаност на повисоки структури во МВР.

„Надлежниот јавен обвинител до МВР издаде наредба за да се утврди кои лица во организациските единици на Министерството, според хиерархиска поставеност, биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучувајќи ги и наведените спорни пасоши, во целиот критичен период. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци (имиња, ЕМБГ и адреси) на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи“,велат од ОЈО Скопје.