Се губи половина од водата за пиење, во Скопје најмногу се троши, во Кочани најскапа


Фото: Б. Грданоски

Се губи половина од водата за пиење, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за цените, потрошувачката и загубата на водата за пиење во земјава. Од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода за пиење, се губат повеќе од половина, односно 146 милиони кубни метри.

 

Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба се губи во Скопје, дури 63 милиони метри кубни годишно, што е 43 % од целата загубена вода во земјава. Следат Гостивар, Тетово и Кичево. Во Гостивар годишно се губат скоро 9 милиони метри кубни вода. Во Тетово се губат по 7 милиони метри кубни вода за пиење, а во Кичево повеќе од 6 милиони. По 5,8 милиони метри кубни вода за пиење секоја година се губат и во Охрид. Најрационални во овој однос, односно со најмали апсолутни загуби на вода за пиење се Могила, Желино, Чашка, Конче и Старо Нагоричане.

Фото: Б. Грданоски
 

Истражувањето покажува и дека има голема разлика во цената која граѓаните ја плаќаат за потрошена вода. Така, најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње, само 7,50 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе. Кај фирмите, најниска цена за кубик вода плаќаат потрошувачите во Желино, 13,42 денари, додека убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик.

Меѓу првите пет општини со најниска цена на водата, четири се од Полошкиот Регион: Боговиње, Теарце, Желино и Врапчиште, додека петата е Росоман. Спротивно, најскапа вода плаќаат 4 општини од Источниот Регион, Кочани, Делчево, Пробиштип и Берово, како и Свети Николе.

Од големите градови, водата е најевтина во Тетово, а најскапа во Охрид. Спротивно, охриѓани трошат најмалку, а тетовчани најмногу вода месечно. Најмногу вода трошат жителите на Маврово и Теарце, по 70 кубици месечно, како и на Боговиње, по 40 кубици месечно. Најмалку вода трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици месечно.

Во земјава има 67 снабдувачи со вода за пиење, а дури 44 отсто од нив лани оствариле негативен финансиски резултат од работењето. Вкупната загуба на овие претпријатија изнесува 255.018.205 денари, односно 4 милиони евра. Најголема загуба, од повеќе од еден милион евра, има кочанското претпријатие, што е точно една четвртина од вкупните загуби на овие претпријатија. Со поголеми загуби се и водоводните претпријатија на Велес, Битола, Скопје и Струга.