Се гради парк кај кружниот тек во Припор


 

Самоодржлив парк се гради кај кружниот тек меѓу Припор и Кисела Вода, а паркот ќе го носи името „Иднина”.

– На ова место, од неуреден и неосветлен простор, од депонија поради која сите ја вртеа главата настрана, оваа пролет граѓаните ќе добијат прекрасно урбано катче за одмор, рекреација и дружење – велат од Општина Кисела Вода.

Паркот ќе биде самоодржлив, ќе се користат фотоволтаици, а за зелените површини ќе биде поставен систем за самонаводнување. Тоа значи дека со користење на обновливи извори на енергија, се заштедува и се заштитува животната средина.

– Од она што можев да го видам на терен, во напредна фаза е оплеменувањето на просторот кој се протега на површина од 4000m2, на кој по финализацијата на проектот ќе се нудат најразлични содржини за сите генерации – рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Покрај зеленило, дрвца, хортикултурно уредување, во паркот ќе има урбана опрема – клупи, летниковец, патеки за шетање, воден ѕид, a за најмладите ќе се изгради детско игралиште. На влезот, на висок јарбол ќе се вее знамето на Македонија.