Се гради нова Поликлиника во Сарај која ќе служи на близу 45 илјади жители


Во тек е изградбата на Поликлиниката во Општина Сарај, која ќе биде дел од Здравствениот дом во Скопје. Според министерот за здравство Венко Филипче, оваа амбуланта ќе служи на близу 45 илјади жители од овој регион кои во овој момент немаат ниту една поликлиника во близина.

Филипче денеска изврши увид во градежните работи на Поликлиниката, и изјави дека ова е дел од една голема инвестиција, посебно во делот на примарното здравство во градот Скопје.

-Оваа амбуланта треба да биде дел од здравствениот дом Скопје и да служи на навистина голем број на жители кои што живеат во овој регион, тоа се близу 45 илјади жители од преку 20 населени места кои во овјо момент немаат поликлиника, ниту амбуланти близу до своите домови, рече Филипче.

Тој посочи дека во оваа Поликлиника треба да има повеќе дејности како лекари по општа медицина, специјалисти, рентген дијагностика и лабораторија, нешто што според министерот, значајно ќе го олесни пристапот кон здравствена услуга.

Филипче исто така потенцира дека е во план во следниот период целосно да се заменат амбулантите во скопските општини во Аеродром, Лисиче, Бутел, Ѓорче Петров и во Карпош. Тоа се, како што рече, амбуланти кои се навистина дотраени. Тој информира дека за првпат исто како тука во Сарај, ќе има нова поликлиника и во Кисела Вода.

-Целиот овој систем, оваа инвестиција покажа дека јавното здравство е навистина многу битно. Истиот систем го направивме и со делот на модуларните болници, навистина брзо и ефикасно сега се спремни и се веќе во огромен број и ставени во функција. Навистина има потреба согласно ова зголемување на бројот на новодгијагностицирани пациенти кои што се случува во изминатиот период, рече Филипче.

Дел од инвестицијата, како што посочи, не беше само во инфраструктурата, туку и во примање на кадар.

-Изминатиот период примени на работа се над 140 доктори, над 200 медицински сестри, околу 30 лекари специјалисти и сето тоа заокружено со зголемувањето на платите, на примањата сумите за дежурства. Една сериозна инвестиција во јавното здравје, нешто што навистина ни помага да се зголеми квалитетот на услугата, да се олесни пристапот, а сега видливо како во овие услови на пандемија тоа е многу битно, додаде министерот.

Градоначалник на Сарај, Блерим Беџети кој денеска исто така изврши увид во градежните работи во амбулантата, изјави дека ова е многу значаен период за граѓаните на Општина Сарај, во делот на изградбата на поликлиниката, имајќи предвид и бројот на жителите во Сарај и времето и предизвиците кои се пред нас.

-Благодарен сум на Министерството за здравство и на министерот за коректноста со вакво темпо кое се одвиваат работите многу брзо ке биде во финална фаза, и конечно услуги од ваков вид на здравство во поликлиника ќе може да ги добиваат граѓани на Сарај но и другите граѓани, рече градоначалникот.