Се чисти на територијата на Општина Гази Баба


Во текот на денешниот ден, Градот Скопје и јавните градски претпријатија ќе започнат акција за генерално чистење на скопската општина Гази Баба.

Во рамките на акцијата, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје ќе реализира активности за рачно и машинско метење и миење на булеварите и улиците во оваа скопска општина, како и миење и дезинфекција на контејнерите поставени на јавни површини вклучително со нивните микролокации.

На следните локации ќе бидат поставени специјални садови во коишто жителите на општината Гази Баба ќе можат да го одложат својот кабаст отпад што во текот на акцијата ќе биде подигнат и транспортиран од страна на екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје:

1. Село Стајковци, ул.Антон Попов – кај месната заедница;
2. Село Црешево, кај чешмата на средината на селото;
3. Вардариште, ул.Боривоје Милошевски;
4. Вардариште, ул.Перо Наков (до детското игралиште);
5. Село Јурумлери, на влезот на селото (кај бензинската пумпа).

Во периодот 4-10 април 2022 година, се одвиваше акција за генерално чистење на општината Аеродром, во чиишто рамки екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија вкупно 155 кубни метри отпад од диви депонии, додека во специјалните садови беа одложени 265 кубни метри кабаст отпад.