Се чисти и уредува поширокото подрачје во центарот на Скопје


Се чистат и се засадуваат зелените површини во центарот на Скопје, во едновремена акција на ЈП „Паркови и зеленило“ и ЈП „Комунална хигиена“.

ЈП „Паркови и зеленило“ Скопје соопшти дека од денеска почна со голема акција за чистење на јавните површини во центарот на градот.

– Од денес теренските екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ во соработка со ЈП „Комунална хигиена“, ќе спроведат акција за чистење и уредување на зеленилото на булевар „Гоце Делчев“. Акцијата опфаќа косење на тревните површини, кроење на вегетацијата, собирање на отпадоци и смет, како и утовар во камион. Според планот активностите ќе се одвиваат од двете страни и средната жардиниера долж булеварското зеленило, почнувајќи на потег од мостот „Гоце“ Делчев сѐ до ТЦ „Ист Гејт Мол“, информираат од претпријатието.

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје соопшти дека се работи за повеќедневна акција за чистење на поширокото централно градско подрачје.

Во текот на денешниот ден, активностите се одвиваат во реонот на Владата, а ќе продолжат на булеварите „Гоце Делчев“, „Филип Втори“, „Крсте Мисирков“ и „Никола Карев“, сè до кружниот тек на улицата „Беласица“.

Екипите на претпријатието спроведуваат рачно и машинско метење на јавните и сообраќајните површини, а воедно се врши и отстранување на дивите депонии.