Се бараат оставки или ќе се радикализираат протестите за случувањата на Онкологија


Пред Владата се одржа вториот „Протест против организираниот криминал на Онкологија“ со присуство на значително помал број луѓе од минатиот пат. Преку транспаренти и скандирања учесниците побараа оставки, одговорност и правда за жртвите.

 

„Да ја трансформираме нашата болка во достоинствена борба за подобро утре, мирно и достоинствено да кажеме жестоко ‘не‘ во земја која е на фрагилни нозе и да изградиме вредност на почит кон секој еден живот“, кажа еден демонстрант, чија мајка починала од рак пред три години. Во друг говор беше најавено дека протестите ќе зачестат и ќе се радикализираат доколку во скоро време не се исполнат одредени барања, кои беа опишани како ултиматум.

На протестот беше испратен ултиматум до обвинителството во рок од најмногу седум дена да излезе со резултатите од истрагата. Се побара и одговорност од поранешните министри за здравство и директорите на онкологија како и целосна ревизија на работата на клиниката. Мора да има обвинувања за случајот, порачаа организаторите.

 Пораката која ја испратија е дека овој криминал на тргување со лекови на сметка на човечки животи е надполитички и надпартиски и дека никој не смее да печали политички поени бидејки сите гарнитури се виновни.