Се бара поевтин паркинг и во катните гаражи, ДОМ смета дека тоа поттикнува возење автомобили


Од први март ќе поевтини зонското паркирање на отворените паркиралишта под надлежност на ЈП „Градски паркинг“. Така, во зоната А0 од 100 се намалува на 75 денари, во зоната А од 50 се намалува на 40 денари, во зоната Б од 40 на 30 денари, а во зоните Ц и Д паркирањето ќе се намали од 30 на 25 денари за еден час.

Скопјани бараат да поевтини и паркирањето во катните гаражи, кое чини 2.000 денари. Велат дека добро би било да се врати старата цена на месечните паркинг- карти од 1.000 денари кои, со одлука на Советот на Град Скопје, беа поскапени двојно кон крајот на 2020 година. Причината за зголемување на цената за паркирањето беше правдана „со зголемените трошоци за одржување на катните гаражи со кои стопанисува претпријатието, а и поради зголемените трошоци за вода, струја, одржување на лифтовите и опремата инсталирана на паркиралиштата“.

Од партијата ДОМ велат дека намалените цени за паркинг ќе ги мотивираат граѓаните уште помасовно да ги користат автомобилите, што, пак, доведува до поголемо загадување на воздухот и до влошување на квалитетот на живот на граѓаните.

– За разлика од Скопје, европските градови не само што ги зголемуваат цените за паркирање туку и забрануваат влез на автомобили во централните градски подрачја, воспоставуваат пешачки зони и инвестираат во ефикасен јавен превоз и во велосипедски патеки – потенцираат од ДОМ.