СДСМ за скандалот околу Ерасмус: Ана Михајлов била избрана на функцијата и покрај противењето на Брисел

Јованче Манасков, претседател на Комисија за образование и наука на СДСM објави нови детали околу именувањето на лице под активна истрага на ОЛАФ за прв човек на Националната агенција која располага со парите од Еразмус +.
„Ова е голем пораз и за образовенниот систем затоа што целосно ја урива довербата на младите во институциите. И наместо да побара одговорност, министерката Јаневска вели дека „ќе се продолжела мисијата”. Која мисија? На партиските и бизнис интереси?
ВМРО-ДПМНЕ се обиде да ја заташка вистината, но само дополнително ја закопа Владата. Велат дека назначувањето било „во координација”, обидувајќи се да избегнат одговор на клучното прашање: дали Европската унија дала согласност Ана Михајлов да биде избрана за в.д. директорка?
Според свиркачите кои до нас ги доставија информациите, одговорот е НЕ. Напротив, нашите извори наведуваат дека од Брисел експлицитно било соопштено дека јавниот оглас кој бил објавен е нелегитимен и дека мора веднаш да се повтори за да има нови кандидати. Свиркачите информираат дека меѓу причините за ова е токму кандидатурата на Ана Михајлов – најоспорената личност во целата постапка.
Наместо власта да ја почитува процедурата и да побара мислење од ЕУ за прифатливо лице, нахално и зад грбот на јавноста ја именува истата личност за в.д. директорка.Зошто?
Од 2014 до 2017 година, во времето кога Михајлов (тогаш Митровска) била одговорно лице за евалуаторите во Националната агенција, заедно со својата кумашинка Дорина Ѓорчева Митровска биле доделени преку 8 милиони евра. Дали овие 8 милиони евра биле доделени законски или се дел од истрага за проневера на европски пари? Каква е улогата на Бошко Нелкоски – првиот директор на агенцијата и ментор на новата в.д. директорка? Дали во извештајот на ОЛАФ токму Нелкоски е посочен како иницијатор на организирана проневера и незаконско доделување на средства?
Каква е поврзаноста со фирмите „Силвер Лион Сервисес” и „Агронимија Органика”? Дали овие фирми се дел од истата мрежа на сомнителни тендери и злоупотреби идентификувани од ОЛАФ? Во чии џебови завршиле 8 милиони евра, европски пари?Одговорите на овие прашања го откриваат вистинскиот мотив зошто Ана Михајлов е назначена за в.д. директорка, иако е дел од истрагата на ОЛАФ“, прашуваат од СДСМ.
СДСМ бара Владата веднаш да ја разреши Ана Михајлов и да обезбеди услови истрагата на ОЈО да продолжи, а Обвинителството да постапи по наодите на ОЛАФ и сите инволвирани во овој скандал да одговараат.
Од ВМРО-ДПМНЕ се бранеа дека ако имало спорен момент во раководењето на Националната агенција Еразмус +, односно бил спорен моментот од 2014 година до 2017 година, тие биле на власт 7 години (од 2017 година до лани) и тие не само што ќе ги затвореа луѓето, туку и ќе ги снимаа и омаловажуваа како Гордана и Миле.
„СДС имаше можност 7 години да провери и да расчисти доколку имало некаков криминал. Но, на нив им одговараше Лидија Димова и таквите како неа, а секако тоа му одговарало и на тогашниот претседател Заев, кој можеби со тие пари и си ја има купено јахтата, во која заедно со Филипче уживаат на Егејското море.
Лицемерието на СДС е огромно. Нивните поранешни функционери тонат во криминал и корупција, нема институција во која немаат направено криминал, ама затоа имаат судии и обвинители кои ги штитат. И на ова ќе му дојде крајот“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.