СДСМ тврди дека нивната влада го спасила проектот за автопатот Кичево–Охрид


Приказната со автопатот Кичево - Охрид би требало да заврши во првата половина од 2027

По денешното пуштање на 20 километри од автопатот Кичево-Охрид опозициската СДСМ реагираше дека таа делница е „најдобар пример за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ги започнува проектите со цел само да се сликаат и да се пофалат, без основен проект, без испитувања и без решени клучни прашања“.

Партијата тврди дека кога СДСМ го презеде проектот во 2017 година имало само 30 проценти прогрес на работите, нерешена експропријација, свлечишта на косините, без изработени клучки.

„Поради грешките на ВМРО-ДПМНЕ, трасата дури поминуваше преку резервоар за вода за пиење на Кичево, па моравме да ја дислоцираме и да ја заштитиме безбедноста и здравјето на граѓаните.

Во 2018 и 2019 година, по комплетно репроектирање, продолживме со работа, и до 2024 година автопатот го предадовме со 83% завршеност.

Кичево–Охрид е симбол на погрешен избор на модел на изградба од страна на ВМРО-ДПМНЕ — проект започнат од Груевски само за политичко сликање, без геомеханички испитувања, без комплетен основен проект и со штетни последици за граѓаните.

СДСМ го спаси проектот од целосен колапс и го донесе до финална фаза, со трајни и безбедни решенија за граѓаните и за државата.

На граѓаните им порачуваме: автопатот Кичево–Охрид не е заслуга на ВМРО-ДПМНЕ туку на работата, одговорноста и решителноста на СДСМ да го спаси нивниот фушерај и да го заврши во интерес на сите“, вели партијата.