СДСМ тврди дека Мицкоски ја намалил вредноста на инвестицијата на Бреинчајлд за 5 милиони евра
СДСМ денеска во соопштение до медиумите тврди дека инвестицијата на Бреинчајлд во индустриската зона Жабени, која беше најавена за време на владеењето на СДСМ, од првично планираните 13,5 милиони евра и околу 530 нови работни места, денес со потпис на премиерот Христијан Мицкоски е сведена на 8,5 милиони евра и едвај 200 вработувања.
„ВМРО-ДПМНЕ ја намали вредноста на инвестицијата за 5 милиони евра и успеа да го преполови бројот на планирани работни места. Наместо амбициозен проект што ќе донесе стабилни приходи и нови можности за граѓаните на Битола и регионот, новата влада успеа да ги предомисли инвеститорите и ги стави интересите на граѓаните во втор план“, велат од СДСМ.
Од СДСМ исто така потсетуваат дека оваа инвестиција била договорена кога тие ја предводеле владејачката коалиција, и како што велат, Владата водеше економски политики кои создаваа услови за реализација на нови странски инвестиции.
„Новата влада под водство на Мицкоски покажува сериозен недостаток на способност да ги задржи и реализира овие инвестиции. Наместо да ги унапредува постигнатите односи со странските партнери и да вложува во нови економски иницијативи, поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ се намалува бројот на работни места и износот на инвестиции, кои веќе беа договорени“, велат од СДСМ.