СДСМ треба да се врати на идеолошките корени: Интервју со Славјанка Петровска

Мојата заложба е да расчистиме со лошите навики и штетни влијанија кои „му пресудија“ на СДСМ, вели кандидатката за лидер на СДСМ во интервју за „Независен“


Мора да се соочиме со самите себеси и со нашите слабости за брзо да се вратиме на победничките патеки: Славјанка Петровска

Храбра и одмерена, но и директна и многу прецизна во своите оцени и ставови – овие одлики Славјанка Петровска, поранешната министерка за одбрана и сега еден од четирите кандидати за претседател на СДСМ, ги потврдува и во интервјуто за Независен. Без заобиколување, таа многу конкретно посочува на причините кои доведоа до изборнот фијаско на СДСМ, на состојбите во партијата, внатрешните и надворешните влијанија, како и што треба да се направи оваа државотворна партија да се врати на победничките патеки. Не се воздржува да каже дека двајца од четирите кандидати треба да се повлечат „ако ѝ мислат добро на партијата“.  Но и дека нема багаж, и како што вели „зад мене не стои ниту еден поранешен претседател затоа што не сакам да сум ничија продолжена рака“. „Не правам непринципиелни коалиции“, вели Петровска.

 

Дали ќе биде јавна анализата за изборниот пораз на СДСМ или ќе остане само за внатрешна употреба?

Мора да има анализа на резултатите од 2024-та, но и да се вратиме во 2021-ва и во 2020-та кога почна да се наѕира или да се најавува поразот на СДСМ. Уште поважно е таа анализа да не биде задача само на неколкумина, туку членството во рамките на месните и општинските организации да го каже своето мислење. А, членството има многу што да каже за сите 7 години власт на СДСМ и многу точно да ги посочи пропустите, кои во минатото беа ставани под тепих.

Едноставно мора да се соочиме со самите себеси и со нашите слабости за брзо да се вратиме на победничките патеки.

Jас немам багаж, зад мене не стои ниту еден поранешен претседател затоа што не сакам да сум ничија продолжена рака. И затоа сум во голема предност пред другите кандидати, Вели Петровска

Каде ги лоцирате вие лично причините за повеќе од лошите резултати на СДСМ на парламентарните и на претседателските избори? Од сегашна гледна точка е јасно дека не биле извлечени поуки од поразот на локалните избори во 2021.

Во неисполнувањето на неколку клучни ветувања. Бројчаникот за вратените украдени пари не се постави. Јавноста беше сведок на изигрување на правдата и смеење во лице на сите нас кои чекавме правда. Бегството на Груевски остана неразјаснето, без никој да поднесе одговорност. Неказнивоста на министри и директори кои во своето работење предизвикуваа скандали и незадоволство кај граѓаните, немањето свидителства на крајот од учебната година, немањето учебници на почетокот на учебната година, зафаќање со реформи за кои се немаше претходна подготовка. Скандалите поврзани со Боки 13 и поддршката од високи функционери на СДСМ, случајот Рекет. Што се случи со нема правда, нема мир?

Токму за овие работи треба да се разговара внатре во партијата, но и конечно да се лоцира персонална одговорност за одредени прилично сериозни грешки.

Не беа извлечени поуки ниту од резултатите во 2020. Да, математички ги добивме, ама политички ги изгубивме. И тогаш во некои општини и избирачки места се забележуваше дека губиме гласови, но не се стави акцент на тоа. Сето ова успеа да ги сруши сите позитивни резултати кои се постигнаа изминатите 7 години.

 

Влегувате во битка за лидер кога СДСМ е изложена на удари, и од внатре и од надвор. Се зборува за обиди да се преземе членството, за упад на ЗНАМ и други структури, за внатрешни опструкции на Конгресот… Држат ли овие описи на состојбата и може ли тоа да влијае на изборот на нов лидер? Каков ќе биде вашиот одговор на тоа и каде ќе ја најдете обединувачката точка што ќе спречи енетуална фрагментација на партијата?

Свесна сум за поделеноста, но и ударите, особено оние од внатре и тоа ми е силен мотив да ја обединам партијата. Јас немам багаж, зад мене не стои ниту еден поранешен претседател затоа што не сакам да сум ничија продолжена рака. И затоа сум во голема предност пред другите кандидати, немам багаж, а имам интегритет, не правам компромиси за непринципиелни коалиции, не сум бизнис ориентирана и ќе направам се за СДСМ да успее.
Лаги се шпекулациите дека со некој од кандидатите сум се договорила за постизборно приклучување во раководството на тој што ќе победи. Јас имам коалиција со членството, тоа ми е потребно.
СДСМ треба да се врати на идеолошките корени, токму тоа треба да биде и ќе биде обединувачкиот фактор внатре во партијата.

Мораме да расчитиме со лошите навики на носење одлуки во тесен круг на раководството и креирање политики во одбрано друштво, вели Петровска

Во кој правец ќе оди СДСМ ако бидете избрана за лидер и дали и натаму ќе ви биде главниот фокус на евроинтеграцијата и надворешната политика иако, како што се покажа, тоа не носи гласови на избори?

Фокусот ќе ми биде враќање на моќта на одлучувањето кај членството, тоа и го пишувам во Манифестот за социјалдемократијата. Како опозиција ќе бидеме конструктивни за прашања од државен интерес, но за да бидеме од полза на државата, а многу набрзо ќе и требаме, мораме да се реформираме и реорганизираме.
Мораме да расчитиме со лошите навики на носење одлуки во тесен круг на раководството и креирање политики во одбрано друштво, без притоа членството да биде консултирано или во најмала рака на време информирано за одредени процеси.
Нема да толерирам двојни игри на штета на партијата и членството, ќе бидам гласна и јавно ќе ги обелоденам оние кои сакаат партијата да ја држат во заложништво за лична заштита. Сите противкандидати ми се другари, многу имаме поминато заедно, но двајца од нив мора сериозно да размислат да се повлечат, ако и мислат добро на партијата.

 

Постои ли опасност пратеничката група на СДСМ во Собранието по изборот на нов лидер да се отцепи, односно да делува самостојно од партијата?

Не, пратеничката група ќе дејствува опозициски во Собранието застапувајќи ги интересите на СДСМ и на граѓаните кои на 8 мај дадоа поддршка за СДСМ и коалицијата за европска иднина.

 

Како ќе го вратите ентузијазмот и енергијата во СДСМ и како ќе ѝ парирате на Левица која освојува сѐ поголем политички простор и сега изгледа како ваша конкуренција? Каде ќе ги барате политичките сојузништва?

Прво ние да се промениме. Вакви какви што сме денес не можеме ништо да постигнеме. И затоа пред да бараме сојузништво ние мора да покажеме дека сме се промениле тоа да биде видиливо. Ако СДСМ не направи коренити реформи во начинот на дејствување, креирање политики, но и кадровската политика во партијата, ништо не сме постигнале. Мојата заложба е да расчистиме со лошите навики и штетни влијанија кои „му пресудија“ на СДСМ овие избори.

Кога ќе ја спроведеме внатрешната реформа, потоа сојузништвата ќе ги изградиме со оние со кои споделуваме исти вредости и делиме исти заложби. На видливо место ќе го закачиме знакот „забрането за клиентелисти“.

СДСМ повторно ќе биде дом на демократијата, на социјадемократските вредности и на државотворните политики.

Концептот Едно општество за сите е совршено замислен, но се потфрли во неговата имплементација, затоа што поединци не ја сфатија суштината на таа визија: Славјанка Петровска

Изминатите години отуѓивте значаен дел од оној граѓански, невладин и либерален дел од општеството. Разбирате ли во партијата зошто се случи тоа и на кој начин можете да го вратите тој дел кон прогресивните политики за кои велите дека сте предводници?

Не ги исполнивме најважните ветувања. Ја ослободивме заробената држава, но заглавивме во клиентелизмот и непринципиелноста. Ние пред изборите во 2016-та направивме една огромна коалиција чија цел беше ослободување на заробената држава, воспоставување на правна држава и владеење на правото.

Кај владеење на правото се потфрли затоа што не се спроведе ветингот во судството и многу од судските процеси со кои требаше да се докаже владеењето на правото го покажаа спротивното.

Сето тоа резултираше прво со разочараност, а потоа и со гнев кај луѓето што ни даваа поддршка.

Ќе бидам искрена и ќе кажам дека првата и втората опомена како партија на власт, ги игнориравме, и затоа на крајот дојде до она што се нарекува исклучување, односно спортски кажано, граѓаните решија да не испратат „на клупа“.

 

Национализмот очигледно стана преовладувачка сила и во двата етнички кампуса во Македонија. Може ли СДСМ да изгради план да му парира со граѓански наратив на националистичкиот? Досегашниот не успеа. Или можеби размислувате дека некои сегменти од тој наратив би можеле да бидат дел од идната идеолошка и практична платформа?

СДСМ го промовираше и се залага за граѓанскиот наратив наспроти национализмот. Во мултиетнички средини најлесно се добива власт со национализам, но тој на долг рок не донел добро никому.
ВМРО-ДПМНЕ е пример за тоа. Пред избори национализамот беше нивна главна и препознаена реторика, до толку одеа во крајност што без оглед на која тема се зборуваше тие ја поврзаа со национализам. И затоа кај нив многу брзо почна да се разобличува балонот на лажен париотизам.
Очекувам после октомври Премиерот и министрите во своите говори да зборуваат за соживот, за градење и негување заеднички вредности, очекувам да зборуваат за едно општество за сите, притоа заборавајќи ги сите свои изјави дадени во минатото.
Концептот Едно општество за сите е совршено замислен, но се потфрли во неговата имплементација, затоа што поединци не ја сфатија суштината на таа визија. И затоа СДСМ не смее да се повлече од оваа своја визија која е точка на обединување, а времето тоа ќе потврди.