СДСМ: Со кршење на Деловникот е сменет Законот за просветна инспекција за ВЛЕН да вдоми свој кадар во просветниот инспекторат


Опозициската СДСМ денеска ја обвини владејачката коалиција дека со кршење на Деловникот е сменет Законот за просветна инспекција за ВЛЕН да вдоми свој кадар во просветниот инспекторат. Од оваа партија велат дека на овој налин ВМРО – ДПМНЕ уште еднаш ја покажало својата сервилност кон коалициониот партнер ВРЕДИ.

„Најпрво со повлекување на Законот за средно образование а овој пат преку итната промена на Законот за просветна инспекција, спротивно на Деловник, овозможувајќи му на својот коалиционен партнер да назначи свој кадар кој ќе ги спроведува наредбите на Јанеска“, изјави на прес конференција Розалија Ангеловска од комисијата за образование на СДСМ.

Таа додаде дека од биографијата на ВД директорот на Државен просветен инспекторат Шабан Алајбегу објавена на официјалната страница на просветниот инспекторат било видно дека „не случајно е избегнат фактот дека Алајбегу нема педагошко искуство во воспитание и образование туку работел како секретар во училиште, работно место кое спаѓа во категорија административен кадар“.

Според Ангеловска со измената на Законот за просветна инспекција очигледно е дека кандидатот за директор на Државен просветен инспекторат нема познавање на англискиот јазик и не може да се стекне со соодветен меѓународно признат сертификат, па му се овозможува на сила, да се стекне со потврда на полесен и поедноставен начин во институции каде владеачката коалиција може да влијае.