СДСМ ќе предложи одземање на возилата за тешки прекршоци
Одземање на возилото и заострување на казните за најтешките прекртшоци во сообраќајот ќе предложи СДСМ во петок на јавната расправа закажана во Собранието, по последниот случај каде младата Фросина Кулакова беше прегазена на „Партизанска“ од возач без возачка дозвола, под дејаство на алкохол кој поминал на црвено.
„Сметам дека е добро што ќе има јавна расправа во Собранието. Ние како партија, во изминатите денови подготвивме предлог-законски решенија и ќе ги презентираме на таа јавна расправа. Два конкретни предлози имаме како партија: прво да има присутен полицаец пред и во секое училиште за време на одвивањето на наставата и тој полицаец би се грижел за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини и секако за безбедноста на училиштето, гледајќи што се случува со некои инциденти во регионот. Вториот предлог ќе биде сериозно заострување на казните за најтешките прекршоци во сообраќајот којшто дури ќе вклучуваат и одземање на возилото и тоа е по примерот на некои европски земји“, рече претседателот на партијата Венко Филипче, по денешното честување на роденденот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Филипче рече дека ќе предложат и полицајци да се грижат за безбедноста во училиштата, по бројните инциденти во училишта во регионот, за што нема пресметки колку полицајци ќе бидат потребни, ниту детали дали училиштата ќе бидат обезбедувани постојано, што би значело три смени, како ни дали тоа се однесува на сите училишта или само на поголемите.