СДСМ со 200 амандмани на Предлог-буџетот бара поголеми плати и повеќе пари кај граѓаните


СДСМ поднесе над 200 амандмани за Предлог-буџетот, со кои, како што соопштуваат од партијата се бори за граѓаните и за подобрување на Буџетот за се обезбедат економски раст, поголеми плати и подобар животен стандард.

Од СДСМ посочуваат дека со поднесените амандмани, меѓу другото, се бара зголемување на платите во секторите каде вработените се од витално значење за услугите на граѓаните, како образованието, јавниот сектор, полицијата, пожарникарите. За вработените во Министерството за внатрешни работи се бара покачување на платите за 20 отсто, како и средства за набавка на современа технолошка опрема за зголемување на безбедноста на граѓаните.

Во здравството, амандманите предвидуваат: набавка на нова медицинска опрема, подобрување на капацитетите на Итната медицинска помош, доусовршување на лекарите и медицинскиот персонал.

Апарати за магнетна резонанца, инсулински пумпи, кислородни боци, комплети за прва помош итн.

„Овие мерки ќе обезбедат поквалитетни здравствени услуги за граѓаните и ќе го подигнат нивото на јавната здравствена заштита“, вели Сања Лукаревска, пратеничка на СДСМ.

Амандманите на СДСМ во областа на енергетиката и животната средина се фокусираат на: подобрување на енергетската инфраструктура, електрични автобуси, субвенции за домаќинствата што ќе инсталираат фотоволтаици.

Овие значајни инвестиции ќе придонесат за почиста животна средина и поголема енергетска ефикасност.

„Со амандман бараме финансиска инјекција од 700 милиони денари за поддршка на младите земјоделци. Овие средства ќе овозможат младите да останат во земјоделството и да инвестираат во модерни технологии и практики, со што ќе се зголеми продуктивноста во оваа стратегиска гранка“, вели Лукаревска.

СДСМ верува дека овие амандмани ќе придонесат за поефикасно искористување на буџетските средства и ќе обезбедат реален економски и социјален напредок.

Инаку, денеска на седница на матичната Комисија за финансирање и буџет, почнува амандманската расправата, а за Предлог – буџетот за 2025 година се поднесени над 300 амандмани.

Опозицијата го оцени владиниот предлог како расипнички и смета дека со расходите од 6,5 милијарди евра наместо за поголеми плати на работниците, повисок животен стандард на граѓаните, образование, здравство, власта ги зголемува трошоците за службени возила и луксуз за дури 75%. Според СДСМ за купување мебел власта предвидува 5 пати повеќе пари во исто време кога ги зголемува глобите и административните такси за нови 11 милиони евра, а предвидува зголемување и на непродуктивните трошоци за стоки и услуги а во истиот момент ги крати капиталните расходи во клучни сектори како образованието и здравството.