СДСМ реагира: Дали Мицкоски ја саботираше акцијата на МВР?


Дали Мицкоски одработува за криминалци? – запрашаа јавно од СДСМ во врска со акцијата за апсење на десетина полицајци поради  издавање фалсификат документи.

-Дали Христијан Мицкоски намерно пласираше информации во јавноста за да се саботира голема полициска акција на нашите институции, МВР и меѓународни органи со помош на нашите стратешки партнери, саботажа која не успеа?Очекуваме официјални информации од надлежните институции кои треба да покажат дали Христијан Мицкоски одработува за криминалци, реагираа од СДСМ.

Мицкоски возврати дека има докази за тесна поврзаност на мафијата со највисоките структури на власта во Македонија. 

-Аферата „Мафија“ потврдува дека Владата станала гнездо, дала закрила и соработувала со балканските нарко босови,барани поради организиран криминал, наркотици, убиства, насилство, со што државата станала услужен центар и логистика на сериозни криминални милјеа овозможувајќи заштита.

Свиркач достави информации дека постои организирана мрежа за изработка и издавање на патни исправи, пасоши кои се давале на високи мафијашки структури и тоа директно во Министерството за внатрешни работи. Најскапото се добивало најевтино. Се работи за легални пасоши, одобрени, изработени и издадени од МВР и полициски структури, но со украден идентитет.

Нашите информации говорат дека има повеќе стотици вакви патни исправи издадени од  Министерството за внатрешни работи на белосветски пристапници.Истите биле посакувани од сериозни криминални структури бидејќи добиле ретка можност со легален пасош на туѓо име да патуваат и да ги завршат своите криминални бизниси. Можат да отворат сметки и да перат пари, и ова значи сериозни опструкции за регионални полиции кои што се борат против ваквите организирани криминални структури.  И тоа како што се американската ДЕА и Интерпол.

Значи аферата „Мафија“ има и меѓународно значење. Таков пасош издаден од МВР раководено од Спасовски има и лицето Јован Вукотиќ кој медиумите го претставуваат за водач на озогласениот Шкаљарски клан. А, пасошот бил на име Андонов Георги. Вукотиќ пред белградскиот суд самиот призна дека по легален пат добил македонски пасош на туѓ идентитет. Како? Истиот е уапсен во Турција, во Анталија и истиот  е депортиран во соседна Србија каде што е државјанин и каде што постои осудителна пресуда на 15 месеци казна затвор поради поседување фалсификувана патна исправа. Во неговиот исказ јасно стои дека тој си дошол во Македонија, си дал отпечаток, дека на патната исправа е неговата слика, бил сликан, но да, името кое што стои во неговата патна исправа не е неговото туку е лицето Ѓорѓи Андонов и со таа патна исправа тој патувал во Македонија, во соседна Србија, Украина, Шпанија, Турција итн. Вториот пак, кој има барање за лична карта е Седат Пекер на име Џадин Адемовски, кој доколку се провери фигурира и на избирачкиот список, има право на глас и е со локација во Општина Чаир.

Имајќи предвид дека сѐ уште не е ажуриран избирачкиот список за следните локални или можеби заедно со локалните и други избори, може да се претпостави дека ова лице можеби и гласало на некои од претходните избори или можеби е оној со брзи прсти на референдумот што гласал. Ги повикувам медиумите и слободната јавност, а особено новинарите да проследат кои се овие луѓе. На чие име овие мафијашки структури добивале пасоши? Седат Пекер бил протеран според Министерството за внатрешни работи на 19-ти јануари годинава, а четири дена потоа се сликал за лична карта во полициска станица, а потоа на 27 јануари му е издаден овој документ, барем според документот кој ние го поседуваме.

Ова е цела таа иронија на правната држава на оваа власт предводена од Зоран Заев. Особено што, за да се издадат овие пасоши потребно е да се влезе во полициска станица, да се сликаат и да добијат вакви легални патни документи.Ова е шамар за секој чесен граѓанин, шамар за правната држава и доказ за тесната врска меѓу власта во Македонија и мафијата, тврди Мицкоски.

Според него, ваква афера не можела да се случи без знаење на највисоките структури на власта, а ако не знаеле за тоа, тогаш тие комплетно и ја предале власта на мафијата. И ова не смее да заврши така формално со некое соопштение од МВР дека апси и при што ќе паднат некои ситни риби и службеници. Да не ни ја навредуваат интелигенцијата, ова не би било возможно без највисоките структури на власта да знаат, и ако ова не заврши со одговорност на највисоките структури на власта, тоа значи дека повторно се заштитува криминалот“, порача Мицкоски.