СДСМ прашува: Кој Мицкоски е реален – тој што тврди дека јазикот никогаш не бил спорен или дека е загрозен?


Од владејачката СДСМ велат дека иако лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вчера велел дека зачувувањето на чист македонски јазик во ЕУ е измислен успех, дека никогаш не бил спорен македонскиот јазик, неговата партија ВМРО-ДПМНЕ денес тврдат дека јазикот ни бил загрозен.

-Едно зборува Мицкоски на прес-конференции, друго преку соопштенија од белиот дворец. Кој Мицкоски е реален, овој од денеска кој тврди дека македонскиот јазик ќе биде оспоруван пред ЕУ или тој од вчера кој велеше дека македонскиот јазик не е спорен?- прашуваат од СДСМ.

Според СДСМ, ваквото „несериозно однесување“ за важни национални прашања само потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски „немаат државнички капацитет и нивните ставови се менуваат од ден за ден“.

Во предлогот на француското претседателство јасно може да се види дека се содржани нашите ставови и забелешки, дека имаме чист македонски јазик во ЕУ, дека македонскиот идентитет е заштитен целосно, а историските прашања не се дел од преговарачкиот процес, заклучуваат од СДСМ.

Според СДСМ, Мицкоски и Димитар Апасиев се истурените ликови на анти НАТО и анти ЕУ коалицијата.

-Она што Мицкоски го мисли го кажува Апасиев, она што  Мицкоски го нарачува, Апасиев го одработува. Мицкоски и проруската инсталација Апасиев заедно шират хистерија преку лажни вести и навреди. Во предлогот на француското претседателство јасно може да се види дека се содржани нашите ставови и забелешки, дека имаме чист македонски јазик во ЕУ, дека македонскиот идентитет е заштитен целосно, а историските прашања не се дел од преговарачкиот процес. Но, не е ова прв пат ВМРО ДПМНЕ и Левица заедно да се обидуваат и да создаваат тензии. Се уште се сеќава јавноста на лагите на ВМРО ДПМНЕ и Левица за кантонизација, федерализација, мигрантски кампови, дека со Преспанскиот договор се продавал идентитетот, за бугаризација. Лагите на ВМРО ДПМНЕ и Левица немаат крај, тоа се деструктивни партии кои не сакаат државата да оди напред, бидејќи така им одговара. Самиот Мицкоски јавно призна дека не сака во ЕУ а Апасиев сонува за Русија. Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и Левица не и мисли добро на државата, напротив тие сакаат државата да биде изолирана, внатрешно поделена и наместо европска, да има несигурна и неизвесна иднина, стои во реакцијата на СДСМ.