СДСМ: Општините нема да добијат пари, Владата ќе им ги плаќа проектите
СДСМ тврди дека се случува уште едно разочарување и неисполнето ветување од Владата и дека најавената помош за развој на општините од унгарскиот кредит тие нема да ја видат, туку централизирано преку владиниот буџет ќе се плаѓаат проектите што ќе ги изведат.
-Најавените 100 милиони евра за развој и поддршка на општините, ветени од оваа Влада, повеќе од јасно е дека нема да се реализираат оваа година. Ова е уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не успева да ги оствари своите ветувања и повторно ја изневерува довербата на граѓаните.Министерот Перински најави дека средствата нема да бидат доделени директно на посебните сметки на општините, како што тоа го правеше СДСМ. Наместо тоа, парите ќе се исплаќаат директно од буџетот до изведувачите, што значи дека оваа година реализацијата на средствата е речиси небвозможна или ќе биде минимална. Ваквиот пристап не само што го забавува процесот, туку и отвора можност за манипулации, централизирајќи ја контролата во рацете на Владата.
За разлика од ова, СДСМ реализираше проекти вредни 265 милиони евра во општините на далеку поефективен начин. Средствата беа наменски на сметките на општините, каде што локалните власти имаа директен пристап и можност сами да ги управуваат своите проекти. Ова беше модел кој осигуруваше ефикасна реализација и транспарентност, нешто што е сега оневозможено од страна на ВМРО-ДПМНЕ. соопштија од СДСМ.
Според оваа партија, централизацијата на средствата и контролата од страна на Владата е директен удар врз децентрализацијата и автономијата на општините
-Ова покажува дека ВМРО-ДПМНЕ не е подготвена да им верува на општините и на локалните власти, што води до стагнација и нереализирани проекти кои се од суштинско значење за граѓаните“, порачаа од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со тврдењето дека опозицијата е лицемерна, критикува а нејзините општини први поднеле проекти за добивање пари.
„СДС не може да се помири со фактот дека почнува најголемата градежна офанзива низ општините. Вкупно 100 милиони евра пари од буџетот ќе бидат дадени за проекти на општините ширум државата. Тоа се средства кои со години некои општини не ги виделе и не можеле да реализираат голем број проекти кои се потребни. Ова е само почеток. Секоја година на општините ќе им бидат достапни 250 милиони евра пари од буџетот за реализација на капитални проекти. Целта на владата е Македонија да се развива рамномерно, забрзано и силно. Ако СДС не веруваат во проектот, тогаш зошто градоначалниците од нивната партија поднеле документација?Лицемерни се од СДС, од една страна да го напаѓаат проектот, од друга први да аплицираат, реагираа од власта.