СДСМ обвини за синхронизирана медиумска промоција на „Спутниците“


 
СДСМ обвини дека во јавноста се одвива, како што оценува партијата, синхронизирана медиумска промоција на премиерот Христијан Мицкоски и на група политички платформисти кои од опозициската партија ги нарекуваат „ЗНАМ 2.0“.
 
„Уште еднаш ја видовме моќта на медиумската машинерија по урнекот на Орбан и Вучиќ“, наведува СДСМ во соопштение.Од партијата тврдат дека станува збор за истовремени настапи и координирани објави на повеќе портали, преку кои, според нив, се промовира мала група политички платформисти со цел да послужат како „нов инструмент во политичките пресметки“ на Мицкоски.
 
СДСМ прашува кој ги координира овие настапи, кому му служат и чии интереси ги застапуваат, при што во соопштението се повикува и на прашања што, како што наведува партијата, се отвораат во јавноста за влијанија и финансиски интереси поврзани со Орце Камчев и Христијан Мицкоски.
 
Посебно внимание СДСМ посветува на соработката со Левица. Од партијата велат дека е парадоксално што, според нив, луѓе кои до неодамна ја претставувале СДСМ сега настапуваат заедно со партија чии позиции, како што оценува СДСМ, се спротивни на нивната традиционална евроатлантска ориентација.

 

„Станува збор за политичка структура која јавно се спротивставува на НАТО и застапува позиции блиски до руската надворешнополитичка агенда“, се наведува во соопштението.

СДСМ тврди и дека дел од настапите на оваа група започнуваат со истакнување на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски, што според опозициската партија покажува дека нивната главна политичка порака е насочена кон промоција на политичките противници на СДСМ. Од партијата додаваат дека и самиот Мицкоски избегнувал јавно да се повикува на истражувањата на кои се повикувала групата, што, според СДСМ, отвора прашања за кредибилитетот и целта на кампањата.

„Оваа група сама се разоткри. Со своите настапи, политички партнерства и пораки, јасно покажаа каква политичка улога избраа да играат“, велат од СДСМ.

Во соопштението партијата се осврнува и на поранешни членови и функционери кои ја напуштиле СДСМ и денес се дел од други политички структури. Од таму велат дека тоа е слично со, како што ја нарекуваат, „првата верзија на ЗНАМ“, при што прават разлика меѓу оние кои останале во партијата и оние кои, според нив, ја користеле партијата за лични политички амбиции.

„СДСМ не е партија за еднократна употреба, ниту политичка платформа за лични калкулации. СДСМ е партија на членството, на принципите и на државотворната одговорност“, наведуваат од опозициската партија.

Партискиот став е дека „министер во Владата, кафеански реформатори, ЗНАМ 2.0, шемаџии — сите во служба на руските интереси и интересите на Арамијата. Македонија не е ничија тампон-зона. Не е резерва за туѓи агенди. Македонија е татковина на граѓаните што заслужуваат европска иднина. Кој ги кочи реформите, го кочи европскиот пат. Кој ја држи државата заглавена, мора да понесе одговорност“.

Инаку,  Андреј Петров, член на „Платформата 12:05, вчера на 4ТВ тврдеше дека „вербално“  имаат поддршка од 90 проценти од пратениците кои се дел од пратеничката група во Собранието.

„Вербално, од 90% од пратениците на СДСМ. Вербално, да. Меѓутоа, тоа се луѓе кои се пратеници на СДСМ, имаат мала пратеничка група и се во една деликатна и специфична ситуација и не би сакале ние никого посебно да го предизвикуваме на одредени работи кои можат, на некој начин, да му направат лична штета ако учествува“, рече Петров.

Тој најави исто така дека подготвуваат „сериозно досие“ за начинот на кој се спроведувале внатрепартиските избори во СДСМ, при што изрази сомнеж дека резултатите од гласањето целосно ја одразувале волјата на членството.

„Гласањето на членството е добар модел. Гласањето на чиповите не е добар модел. Едно е да гласа членството, друго е да гласаат чиповите“, рече Петров.

Тој прецизираше дека зборува за електронскиот, односно дигитализираниот процес на гласање со членски картички, но не сакаше во оваа фаза да изнесува повеќе детали.