СДСМ обвини: Фирма на Данела Арсовска со години не плаќала струја


Дарко Каевски, пратеник на СДСМ, обвини денес дека фирма на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, со години не плаќала струја.

-Нејзина фирма „Империал – Данела“ ДООЕЛ Скопје, понатаму „Империал ДООЕЛ увоз извоз Скопје“, во кои таа била управител и сопственик, со години под закуп ја има спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода. Но, фирмата замислете, не плаќала струја! Фирмата на Данела направила долг од 3,3 милиони денари или 54 илјади евра.

Данела ниту е чесна, ниту е независна. Кандидатката на Груевски е иста како него.Ова почитувани граѓани е класичен пример за неодговорно, расипничко и недомаќинско работење. Неодговорен и нечесен однос кон имотот на граѓаните, кои се реални сопственици на салата.

Ако Арсовска вака лошо управува со една сала, јасно е дека нема да може да управува со цел град.Ако не плаќала струја, не почитувала договор, направила милионски долгови, јасно е дека исто ќе се однесува и со парите на граѓаните, со градскиот буџет и договорите на градот.Тоа е впрочем одлика на кадрите на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ кои за 27 години го опустошија Скопје.Не може граѓаните да си ги плаќаат своите сметки а Данела на нивниот грб да се богати.Има ли Данела Арсовска и други долгови и колкави се тие?- прашуваат од СДСМ.