СДСМ нема кандидати во општини во кои нема шанси да победи

СДСМ нема свои кандидати за градоначалници во општините Кичево и Струга и во тие општини членовите и симпатизерите на СДСМ ќе ја дадат поддршката на оние кандидати на коишто најмногу им веруваат, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
– Во тие две општини и во другите општини, каде што ние практично немаме шанси за победа, со оглед на тоа што се мултинационални, има други помоќни партии. Јас го слушав гласот, пораката и желбата на партиските членови. Еве на овој начин може да се смени таа парадигма, да дадат поддршка на нивно барање на луѓето на коишто најмногу им веруваат, коишто имаат капацитет да ја водат општината согласно програмата, согласно личните познанства за еднаш да почнеме да размислуваме малку поинаку, малку надвор од политичката куќа во којашто се наоѓаме – вели Филипче.
Прашан зошто во Општина Илинден за градоначалник кандидирале поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ, Филипче одговори дека на прво место го ставаат капацитетот на личноста.
– Затоа што сметаме дека пред сѐ и на прво место го ставаме капацитетот на човекот. Тоа дали може да ја оствари програмата, колку сме контактибилни во овој момент, на тој дел какво разбирање има со луѓето со коишто утре ќе работи на кампањата, а тоа се членовите на СДСМ – рече Филипче.