СДСМ: Мицкоски разгорува тензија за да ја минира средбата во Бугарија


Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) повторно упати жестоки критики кон премиерот Христијан Мицкоски, во контекст на евроинтегративниот процес и очекуваната средба меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија оваа недела во Софија. Од партијата го обвинуваат Мицкоски дека веќе ја поткопал средбата меѓу министрите за надворешни работи на двете земји – Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, со, како што велат, изјавите за улогата на Бугарија во Втората светска војна.

„Пред заминувањето на Тимчо Муцунски на средба, Мицкоски зборува за капитулација на фашистичка Бугарија и за окупација на територијата на денешна Македонија во Втората светска војна. Не зборува за решение. Зборува за да не може ниту да се седне на масата. Сам вели: разговараме, не преговараме. Точно. Не преговара затоа што не бара исход. Бара конфликт што трае. Со Грција така. Со Бугарија така. Од кампањата до денес. Така не се оди ни кај сосед, а камоли во преговори за врата кон Унијата“, се вели во соопштението од СДСМ.

Според социјалдемократите, наместо да се посвети на дипломатијата, премиерот разгорува тензија, со цел македонската и бугарската страна да не седнат на заедничка маса и да дојдат до решение за меѓусебниот спор.

„Така не се доаѓа до решение. Пример што секој го разбира. Не го каниш соседот ако не сакаш да го пречекаш. Потоа да се чудите што масата останала празна. Тоа не е дипломатија. Тоа е изговор да не се влезе. СДСМ не спори со историјата. Историјата ја решаваат историчари. За државата тука се институциите, тие треба да обезбедат напредок. Средбата е веќе поткопана. Од Мицкоски. Од човек што, штом ќе остане без лага, разгорува тензија“, велат од „Бихаќка“.

Во соопштението, претходно од СДСМ наведуваат дека претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, за време на минатонеделната посета на земјава ѝ ја кажала вистината на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека македонскиот идентитет и јазик се заштитени и оти она што останува на маса сега се реформите, владеењето на правото и промена на Уставот.

Според социјалдемократите, нема нови услови, нова Преговарачка рамка и гаранции од Европската Унија за евроинтегративниот пат на државата.

„Нема ниту поништување на Преспанскиот договор, ниту враќање на името како што ветуваше Мицкоски. Лагите со кои дојде на власт паднаа во вода. Кога нема нова лага што сега ќе може да ја продава како магла, арамијата се обидува повторно да разгорува (тензии)“, велат од СДСМ.